Хет-трик на Поп Ацев во Светската серија ултрамаратони

Вторник, 10 Сеп 2019 | Прочитано 69 пати.

Најдобриот македонски пливач на долги патеки, Евгениј Поп Ацев, е победник во годинашната Светска серија ултрамаратони на Светската пливачка федерација (ФИНА). По шесте годинашни трки, во Розарио, Санта Фе, Сен Жан, Охрид, Нови и на трката Капри – Неапол, Поп Ацев собра најмногу поени, 356 и заслужено го освои првото место, третпат во кариерата. Претходно тој победуваше во Светската серија во 2015 и во 2017 година.


На последната трка сезонава, минатиот викенд, на 54-то издание на трката Капри – Неапол, во должина од 36 км, Поп Ацев беше третопласиран. Тој маратон е најстар во календарот на ФИНА (од 1991 година), се смета за една од најфасцинантните и најтешки пливачки трки, и на неа се прогласуваат најдобрите во сезоната.


Годинава Поп Ацев на Капри – Неапол беше трет, во Нови, Хрватска и во Охрид беше втор, во канадскиот Сен Жан петти, во Аргентина, во Розарио и во Санта Фе, шести, односно четврти. Зад Поп Ацев, на второто и на третото место се пласираа Италијанците Едоардо Стокино (348 поени) и Франческо Гетини (312 поени). Вториот македонскиот претставник во оваа конкуренција, Александар Илиевски беше седмопласиран.


– Среќен сум поради новиот триумф. Конкуренцијата беше силна, од година на година има сѐ повеќе млади, квалитетни пливачи. Сезонава не почна баш добро за мене, на првите две трки во Аргентина не бев во најдобра форма, но потоа работите се подобруваа и, ете, на крајот собрав најмногу бодови и мислам дека заслужено сум најдобар. Кон крајот на септември, на 29-ти, ме очекува уште трката во рамките на Светскиот куп на 10 км во Кина и тоа би требало да биде крајот на годинашната сезона. Идната година се квалификациите за Летните олимписки игри во Токио, здравје, ќе видиме што ќе биде – ни изјави Поп Ацев откако се врати во Скопје од Италија.


Голем, редок успех за еден македонски спортист, во една од најнапорните пливачки, воопшто спортски дисциплини. Маратонците пливаат во различни услови, во речни води, во студени езера и на отворено море. 

[назад]
loading...
Коментари