„Шпилје“ и „Глобочица“ со поголемо производство од планираното

Понеделник, 16 Апр 2018 | Прочитано 333 пати.

Хидроцентралите „Шпилје“ кај Дебар и „Глобочица“ кај Струга, кои го сочинуваат Црнодримскиот слив, во првиот квартал од годинава забележале поголемо прозводство на електрична енергија, споредено со истиот период лани.


Како резултат на поволната хидрологија на ова сливно подрачје, кое го сочинуваат реките Радика и Црн Дрим, во периодот јануари-март двете електрани произвеле 193 милиони киловат часови електрична енергија,што е за околу 53 отсто повеќе од планираното.


– Трите турбини на ХЕ„Шпилје“ во овој извештаен период произвеле 117,3 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува 54 отсто повеќе од планот, додека двете турбини на ХЕ„Глобочица“ 76,2 милиони квч или 52 отсто повеќе од планот, потврдуваат од ЕЛЕМ.


И во двете акумулации има резерва на вода за производство на по околу 30 милиони киловат часови електрична енергија. До максималната кота во акумулацијата „Шпилје“ има уште 4,91 метари, а во акумулацијата „Глобочица“ котата е 26 сантиметри над максималната, при што има мал прелив за да се празни Охридско Езеро.


Поради високите температури, кои условуваат топење на снегот во планините, што го зголемува количеството вода во потоците и реките има постојан раст на дотекот на вода во споменатите акумулации. Во „Шпилје“ просеченот дотек е над 130 додека во „Глобочица“ над 80 кубни метри вода во секунда.


Како резултат на навреме и успешно реализираните ремонти и ревизии на елекромашинската опрема, двете електрани се подготвени да ја примат и преработат сета количина на вода што ќе пристигне да работат под полн капацитет.


извор: ОхридПрес

[назад]
loading...
Коментари