Царовска: Брвеница за првпат ќе добие градинка со капацитетет за 80 деца

Среда, 11 Сеп 2019 | Прочитано 58 пати.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и градоначалникот Енвер Пајазити денеска беа на увид на градежните активности на новата градинка во Општина Брвеница. Со новиот објект се обезбедува простор за 80 деца, и тоа во населено места кадешто досега воопшто немаше градинка.



„Со изградбата на оваа детска градинка во Општина Брвеница, кадешто досега немаше објект за згрижување на деца, ги реализирамe стратешките цели за вклучување на децата, особено на најмладите од руралните средини во системот на детската заштита. Наша крајна цел е да го зголемиме опфатот на деца во предучилишното образование за 50%, бидејќи раниот детски развој е клучен за понатамоштниот развој на секое дете. Како Влада продолжуваме посветено да градиме по план и да инвестираме во иднината на нашата држава“, изјави Царовска.



За изградба и опремување на градинката во Брвеница МТСП издвои средства во износ од околу 26,6 милиони денари.


Министерството за труд и социјална политика продолжува да ги подобрува условите и квалитетот во детската заштитa. Oд мај 2017 до мај годинава МТСП инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на вкупно 31 објект за детска заштита. Во тек е изградба и опремување на уште 12 објекти. Истовремено ги јакнеме професионалните компетенции на кадарот и го враќаме достоинството на професијата воспитувач со зголемувањето на платите во просек за 16% и за дополнителни 5% на септемвриската плата која што ќе биде исплатена во октомври.

[назад]
loading...
Коментари

Македонија