Печалбарите ги спасуваат своите семејства од сиромаштија

Сабота, 13 Јун 2015 | Прочитано 510 пати.

Парите што иселениците им ги праќаат на своите семејства ги спасуваат од сиромаштија. Дури 91 отсто од овие граѓани ја финансираат својата потрошувачка преку средства што ги добиваат од дознаките, покажуваат резултатите на проектот „Миграцијата како социјална заштита“, на Асоцијацијата за економско истражување, застапување и донесување економски политики „Фајнанс тинк“. Во просек едно семејство прима по 2.000 евра пари од нивните роднини годишно.

Според ова истражување дознаките од странство служат како неформална социјална заштита за семејствата, бидејќи примателите имаат за 27 отсто помала веројатност да западнат во сиромаштија во споредба со семејствата што не ги примаат и за 6 проценти помала веројатност да пријават некој од индикаторите за социјална ранливост. Истражувањето покажало дека во земјава, Македонците се помалку ранливи во однос на Албанците, големината и бројот на издржувани членови во семејството влијаат правопропорционално врз степенот на ранливост, додека лицата со повисоко образование е помалку веројатно да западнат во социјална ранливост.

За проектот е конструиран индекс на социјална ранливост составен од повеќе индикатори, како што се сиромаштија, невработеност на двајца сопружници со најмалку едно дете, самохран родител, лошо здравје, потхранетост, недостиг на облека, лоши услови на домување и недостиг на средства за одмор и рекреација. Според официјалните проценки, стапката на дознаки е 4 отсто од бруто-домашниот производ, но неофицијално, анкетите покажуваат дека овие пари се во многу поголем износ, околу 10 проценти и дека е поголем дури и од странските инвестиции.

[назад]
loading...
Коментари

Македонија