Талат Џафери во Поточари: „Во Сребреница неспорно се случи геноцид“

Четврток, 11 Јул 2019 | Прочитано 438 пати.

Во Сребреница неспорно се случи геноцид и тоа го признаа сите меѓународни и правосудни институции, порача денес во Поточари Талат Џафери, претседателот на Собранието на Северна Македонија, кој ја предводи високата делегација на оваа земја на одбележувањето на 24. годишнина од геноцидот над Бошњаците во Сребреница.


„Моите први импресии, гледајќи го сево ова во Сребреница, се дека се потврдува сето она што можевме да го видиме на сликите пред 24 години преку медиумите. Ова е доживување и преживување на оние слики што можевме да ги видиме во 1995 година. Како парламент, Собрание на Северна Македонија, уште во 2010 година донесовме резолуција за Сребреница со која ги усвоивме резолуциите на Советот на Европа и Европската Унија и со тоа станавме држава која признава и прифаќа дека во Сребреница е извршен геноцид над недолжни луѓе. И не може никако поинаку тоа да се дефинира, имајќи ги предвид околностите и целите на таквото погубување на недолжни луѓе. Во тој контекст, Северна Македонија минатата година упати официјална делегација која присуствуваше на одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница. Како претседател на Собранието, минатата година, за жал, не можев да ја предводам делегацијата, но оваа година, воедно и втора откако испраќаме висока делегација, решив да ја предводам“, рече Џафери во изјава за Anadolu Agency (AA).


Говорејќи за тоа како српските власти, но и бројни локални политичари во БиХ, првенствено од српскиот народ, и понатаму го негираат геноцидот во Сребреница, Џафери порача дека кога и да е, тие ќе мораат да се соочат со вистината.


„Не е моја обврска да судам за тоа што и како и кој мисли, мислам дека меѓународното право тоа го дефинираше на соодветен начин. Во секој случај, сите ние кои имаме јавна работа, односно функции, мораме да бидеме свесни дека мораме да го признаеме нашето минато и да работиме за иднината. Во секој случај, мислам дека кога и да е, ќе дојде време и тие да сфатат и да го прифатат тој дел и тој факт“, порача претседателот на Собранието на Северна Македонија.


Во Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари, пристигнуваат семејствата на жртвите на геноцидот извршен во јули 1995 година, кои денеска ќе присуствуваат на погребната молитва и закопот на посмртните останки на 33 новоидентификувани жртви.


Од утринава семејствата се простуваат од најмилите, по кои трагале 24 години.


Во геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година извршен од страна на војската на Република Српска, која доби помош од логистички формации на Србија, беа убиени најмалку 8.732 цивили.


Извор: aa.com.tr

[назад]
loading...
Коментари

Македонија