Бројот од загинатите во поплавите Јапонија се искачи на 199

Четврток, 12 Јул 2018 | Прочитано 133 пати.

Најмалку 199 лица загинаа во поплавите и лизгањето на земјиште во западна Јапонија, соопшти денеска портпаролот на јапонската влада. Претходниот биланс на жртвите беше 179 лица.


Освен 199 мртви, властите велат дека како исчезнати се водат повеќе десетици луѓе, а медиумите споменуваат бројка од околу 60 исчезнати лица. Владата рече дека овие трагични податоци за жртвите не се конечни.


Јапонскиот премиер Шинзо Абе на состанокот на кризната група нареди да се работи што е можно побрзо за да се спасат загрозените, изјави за новинарите портпаролот на владата Јошихиде Суга.



Абе, кој ја откажа посетата на четири земји, меѓу кои и Белгија и Франција, вчера ја посети покраината Окајама, една од најтешко погодените заедно со Хирошима, и планира утре да посети уште еден погоден регион.



Премиерот не даде изјава, но накратко разговараше со неколку локални жители.


Ова е најтешка метеоролошка катастрофа што ја погоди Јапонија од 1982 година. Владата ги преиспитува методите на процена на ризикот, додека опозицијата остро го критикува нејзиното дејствување во криза, кое се оценува како задоцнето.


„Во последниве неколку години видовме катастрофи поврзани со дожд многу поубиствени отколку порано. Треба да се преиспита што може владата да направи за да се намали нашиот ризик“, изјави денеска Суга.


Илјадници жители од загрозените подрачја се сместени во јавни згради, додека други се прифатени од роднини или пријатели.


 

[назад]
loading...
Коментари