100 милиони евра за македонските ефикасни студентски домови и за системи за наводнување

 100 милиони евра за македонските ефикасни студентски домови и за системи за наводнување

Со 100 милиони евра германска поддршка, земјава ќе рехабилитира четири системи за наводнување 14.000 хектари по сливот на реката Вардар, ќе изгради мали хидроцентрали на ХС „Лисиче“ и ќе реновира седум студентски домови – во Скопје, Охрид, Штип, Прилеп и Битола, според стандардите за енергетска ефикасност.

Договорите за заемите и грантовите со германската КФВ банка денеска ги потпишаа министрите за финансии, за образование и за земјоделство, Нина Ангеловска, Арбeр Адеми и Трајан Димковски.

Програмата за наводнување е проектирана на 110,7 милиони евра од кои 27,9 милиони се држвни пари, а 80 милиони се заем од КФВ, со рок на отплата 15 години и пет години грејс период. Дополнително, Банката доделува грант од 2,8 милиони евра. За проектот за енергетско рехабилитирање на студентските домови, пак, заемот изнесува 20 милиони евра, а грантот 4,7 милиони евра, исто така со 15 години рок на отплата и пет години грејс период. Каматните стапки се 0,52 отсто за студентските домови и 0,43 проценти за наводнувањето.

Од проектот за наводнување се очекува зголемено и конкурентно производство, додека од реконструкцијата на домовите која би требало да биде целосно заокружена во 2024 година, подобри услови за живот и учење на студентите.

Како што истакна министерката Ангеловска пред потпишувањето на договорите, двата проекта се поврзани со најзначајните пориоритети: климатските промени, енергијата од обновливи извори и инвестирањето во човечки капитал.

– Во услови на глобално затоплување, наводнувањето е клучот за повеќекратно зголемување на земјоделското производство и продуктивноста, рече Ангеловска.

Според министерот Димковски, со ваквото вложување, освен што значително ќе се зголеми растот во земјоделството, ќе се подобрат и стандардите, како и условите за работа на земјоделците. Воедно ќе се овозможи и задржување на младите во агро секторот. – Ова е само еден сегмент од нашата борба со климатските промени, истакна Димковски.

Осврнувајќи се на реконструирањето на студентските домови, министерот Адеми објасни дека станува збор за темелни енергетски ефикасни, структурални и мерки за подобрување на конфорот за живот и учење. Тоа, рече Адеми, опфаќа замена на внатрешни и надворешни прозорци и врати, на покривни конструкции, инсталации на фасадни и канализациско-дренажни системи во и околу објектите, замена на електрична инсталација, поставување нови системи за греење, обнова на санитарни јазли и кујни, како и обезбедување противпожарна заштита.

– Потврдуваме дека унапредувањето на студентскиот стандард и грижата младите да имаат подбра едукација и престој за време на студирањето е високопозициониран приоритет во нашата програма. Остануваме посветени на она што сме го ветиле и на она што значи следење на современите стандарди. По сеопфатна анализа на состојбите во студентските домови годинава и по разгледување на можните опции, дојдовме до конкретно решение кое почнува да се имплементира од 2020 година, а согласно плановите и проекциите, треба целосно да биде заокружено во 2024 година, подвлече Адеми.

Директорот на Секторот за енергија и транспорт на КфВ за Југоисточна Европа и Турција, Пабло Обрадор порача дека иднината на секоја земја зависи од успешното образование кое не го чинат само професорите и наставната програма, туку и условите во кои може да живеат и учат студентите.

– Договорот за енерегетски ефикасни домови отвора нов прозорец и можности, а Програмата за наводнување ќе покаже резултати и ќе има значително влијание врз економијата во регионот каде што ќе се спроведе, рече Обрадор.

За заменик – амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф, земјоделството во Северна Македонија има многу значајна улога.

– Оваа програма за наводнување ќе овозможи поефикасно производство и конкурентност, а од друга страна ќе значи одржливост. Сега сме во фаза кога и тоа треба да се подготви за ЕУ. Германија целосно ја поддржува аспирацијата на Северна Македонија поради што ни претставува задоволство да придонесеме во подготовката на македонскиот агро сектор како еден од најважните, за влез во ЕУ, нагласи Граф.

Извор: Денешен