
2000 кубни метри нанос и талог ќе се соберат од Црн Дрим
На градилиште веќе десеттина дена наликува реката Црн Дрим во Струга. Тешка градежна механизација, од камиони и багери работат на продлабочување на коритото на реката и негово чистење од наталожениот талог акумулирани скоро четири децении.Иако добрите познавачи на приликите сметаат дека ваквата активност била повеќе од неопходна, тие се на мислење дека начинот на изведување на работите требало да се реализира поинаку односно со еколошки методи.
„За да се заштити требаше да има интервенции преку проток на вода. Станува збор за нови технологии кои се со шмукање односно усисавање на талогот долу под водата и таквите процеси не вршат никакви штети врз живиот свет.Таквите методи се познати и во светски рамки“, вели Ваит Ајро-експерт за животна средина.
Станува збор за проект кој се спроведува со помош на УНДП, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Струга.
„Ова чистење се одвива после долги години.Односно последното чистење на коритото беше спроведено во 1985 година.Сериозна количина на ваков акумулиран материјал ќе се елиминира од коритото што претставува сериозна опасност при поплавувањето бидејки сета таа вода која се носи преку реката Црни Дрим, после регулираното корито претставува опасност да поплавува населени места долж текот на Дрим“, вели Никола Здравевски-проект менаџер во УНДП.
Но Здравески, наспроти екологистите вели дека според добиените дозволи од министерството за животна средина, активностите кои се преземаат нема да имаат негативно влијание врз живиот свет во самата река,бидејки она што сега се чисти е само коритото во урбаниот дел на грасот. Се водело сметка додава тој коритото во ниту еден момент да не биде оставено без вода, односно да има биолошким минимум. Се очекува да се извадат околу 2000 кубни метри нанос, талог и друг материјал.