• 21/09/2020

Aдеми: Не шминкаме, туку правиме конкретни напори Охридскиот регион да го задржи УНЕСКО статусот

 Aдеми: Не шминкаме, туку правиме конкретни напори Охридскиот регион да го задржи УНЕСКО статусот
loading...
Advertisement

Мониторинг мисијата на УНЕСКО задолжена за утврдување на напредокот во спроведувањето на обврските што Комитетот за светско наследство им ги зададе на македонските власти, а од кои зависи дали Охридскиот регион ќе биде ставен на листаta на загрозени подрачја, денеска е на терен во Охрид и Струга. Се утврдува фактичката состојба на заштитеното природно и културно наследство, кое поради несоодветна грижа изминатите три децении сериозно е загрозено, во најголем дел од прекумерна и несоодветна градба и лошо планирање на развојот на целокупниот регион.

Министерот без ресор и претседател на националната комисија за соработка со УНЕСКО, Едмонд Адеми, вели дека е направен сериозен исчекор кон исполнување на барањата на УНЕСКО и дека тоа е препознаено од експертите на светската организација, но и од домашната стручна јавност. Напуштањето на плановите за изградба на ски центар и експресен пат на Галичица, формирањето на билатералниот комитет со Албанија за заедничко управување со Охридското Езеро, отпочнувањето на работите за санација на колекторскиот систем кој ќе биде завршен до мај, со што понатаму нема да има излевања во езерото, донесувањето на планот за управување со Охридскиот регион, отпочнувањето на активностите за враќање на реката Сатеска во старото корито, за што е потребно повеќе време поради комплексноста на зафатот, се само дел од преземените конкретни активности посочи Адеми.

Во соработка со експерти на УНЕСКО работиме на измена на планивите за изградба на железницата и автопатот  А2 кон граничниот премин Ќафасан. Откако заеднички извршивме увид на конфигурацијата на теренот заклучивме дека се потребни соодветни решенија оти е невозможна изградба на автопат на постојната делница до преминот Ќафасан на што инсистираше УНЕСКО. – додаде Адеми.

Адеми и претставниците на националната комисија синоќа во Охрид оствариле средба со претставниците на УНЕСКО, на која се разговарано за прогресот кој е направен и она што треба натаму да се прави.

Во УНЕСКО се свесни дека нешто што триесет години се правело како што се правело, не може преку ноќ да се промени. Она од што во УНЕСКО се задоволни е дека како влада имаме план и преземаме активности за имплементација на нивните препораки, како и од комуникацијата со централата во Париз, нешто што не било случај претходните 11 – 12 години. – рече Адеми.

И натаму најголем и најчувствителен останува проблемот со дивоградбите, за што се и најгласни критиките во јавноста. Засега ниту еден диво изграден објект не е урнат, напротив, некои од нив во меѓувреме и се доградуваат. Според Адеми проблемот е комплексен и изискува време за да биде решен соодветно, без потоа да има последици по државата.

Објектите евидентирани како дивоградби во Регистарот кој постои најпрвин ќе мора да бидат предмет на стручна експертиза за нивното влијание врз животната средина и заштитеното природно и културно наследство, врз основа на што понатаму ќе се уриваат објектите кај кои ќе биде оценето негативно влијание. Надлежностите ги имаат општините, но ние како влада го задолживме и Државниот градежен инспекторат да направи проценка до каде е решавањето на проблемот, за да може потоа да постапи државата. Апсолутно не се калкулира предизборно, тоа што е процес е процес и мора да се исполни, без разлика биле или не биле избори. Дивоградбите се еден сегмент и тоа најчувствителиот, меѓутоа тоа е така затоа што постојат закони, судови, управи постапки кои се почнати и ако сакате да бидете правна држава мора да ги почитувате процедурите. Сакаме да биде се по закон и како што треба за утре државата да не се доведе во ситуација да биде тужена пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и да плаќа отштети. – посочи Адеми.

Министерот не се согласува со критиките на невладиниот сектор дека наместо конкретно исполнување на зададените задачи властите се обидуваат со шминка да прикажат дека нешто се прави.

Не велам дека се е исполнето стопроцентно, но дека не е шминка не е, а тоа  го покажуваат активностите на терен. – рече Адеми.

Запрашан за поплаките од бизнис секторот кој бара укинување на мораториумот за градба во Охрид и Струга, Адеми со став дека тоа не треба да се направи се додека не се усогласат урбанистичките планови со Планот за управување со Охридскиот регион – единственото подрачје во Македонија под заштита на УНЕСКО.

Г.М.

Извор: OhridNews