
Аја Софија, утре првата „џума намаз“ по 86 години
– На петочната молитва со која ќе се отвори џамијата се очекува да присуствуваат околу 1.500 луѓе, вклучувајќи го претседателот Реџеп Таип Ердоган и лидерот на турската Партија за национално движење (MHP), Девлет Бахчели
Џамијата „Аја Софија“ со петочната молитва утре, повторно ќе биде отворена по 86 години, јавува Агенција Анадолија (АА).
На петочната молитва со која ќе се отвори џамијата се очекува да присуствуваат околу 1.500 луѓе, вклучувајќи го претседателот Реџеп Таип Ердоган и лидерот на турската Партија за национално движење (MHP), Девлет Бахчели.
Во 1985 година, во времето кога „Аја Софија“ беше музеј, џамијата беше додадена на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
„Аја Софија“ се наоѓа меѓу најпосетените дестинации во Турција за домашните и странските туристи.
„Аја Софија“ служеше како црква 916 години сѐ до освојувањето на Истанбул, како џамија од 1453 до 1934 година и до неодамна како музеј цели 86 години.
Врховниот суд на Турција на 10 јули ја поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година со која џамијата „Аја Софија“ беше претворена во музеј, и овозможи таа повторно да биде отворена како џамија по 86 години. Пред тоа, служеше како џамија речиси 500 години.
Дирекцијата за религиозни работи во Турција на 16 јули потпиша протокол за соработка со Министерството за култура и туризам за водење на „Аја Софија“ по нејзиното повторно отворање како џамија.
Во рамките на протоколот, Министерството за култура и туризам ќе врши надзор на реставраторската и конзерваторска работа, додека Дирекцијата за верски работи ќе ги надгледува верските служби.
Посетата на ова архитектонското богатство ќе биде бесплатно и за домашни и за странски туристи.











