• 26/09/2020

Ако се докаже дека е неповолно за просторот, нема да се гради марина кај Студенчишкото блато

 Ако се докаже дека е неповолно за просторот, нема да се гради марина кај Студенчишкото блато
loading...
Advertisement

Доколку експертите утврдат дека изградба на марина кај охридското Студенчишко блато би значела деструкција на просторот, таков проект нема да се дозволи, велат од министерството за животна средина.

Колегите архитекти ме исконтактираа за да го изложат својот концепт. При изработката генерално не соработувале со биолози и тоа е една пракса која треба да се менува. Мораме да обезбедиме дека Студенчишкото блато кое е многу важно и за квалитетот на езерото и за таа крајбрежна функционалност за која зборуваме, да биде сочувано. Доколку се утврди, експертите утврдат, дека таа марина би значела деструкција, бидејќи во првата заштитна зона на прв поглед изгледа дека тоа ќе значи деструкција, таков проект сигурно нема да се дозволи, изјави државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска.

Надлежните во повеќе наврати потенцираат дека изградбата на марина е повеќе од потребна со оглед на големиот број пловни објекти во Охридското езеро чиј број изнесува 1000. Но, од граѓанската иницијатива Охрид SOS со прашање-дали толкавиот број пловни објекти можат да се дозволат да пловат по езерото, бидејќи езерото е еко систем каде пред сé приоритет треба да биде неговата заштита.

Треба прво да се направи студија за бројот на објекти, какви треба да пловат бидејќи ги има многу кои се со мотори кои предизвикуваат енормно загадување. Е после може да се разговара за локација, но секако не во блатото. Како локации би биле подобри Грашница или Далјан, вели Трајче Талевски од Охрид SOS.

Години наназад се провлекува проблемот околу изборот на правата локација за изградба на марина во Охридското езеро. Експерти, научни работници, екологисти не оспоруваат дека е потребна марина, но се едногласни дека при изборот на локација за таков инфраструктурен зафат треба да се внимава, со цел да се избегне загадување на Охридското Езеро.

Меѓу можните локации за изградба на марина се спомнуваа градското пристаниште и Студенчишкото блато.

Т.К.

Извор:OhridNews