Ако сегашните мерки не дадат резултати, Филипче најави можно сценарио – ќе се продолжи полицискиот час и ќе се скрати работата на кафеаните

 Ако сегашните мерки не дадат резултати, Филипче најави можно сценарио – ќе се продолжи полицискиот час и ќе се скрати работата на кафеаните

Филипче денеска изјави дека по неколку дена со илјада и над илјада новозаразени за еден ден, денеска нивниот број е под илјада.

Најави дека ќе се следи ситуацијата викендов и на почетокот на следната недела Комисијата за заразни болести ќе ги анализира податоците.

Тој посочи дека се подготвени да препорачаат и дополнителни рестрикции, но во секојдневна комуникација со тимот сметаат дека дополнителни рестрикции засега не се потребни.

„Следни чекори, доколку се препорачуваат, би биле зголемување на времетраење на полициски час и скратување на работа на угостителски објекти. Сметаме дека веќе на почеток на следната недела ќе имаме резултати од полицискиот час и дека бројките ќе се стабилизираат“, истакна Филипче.

По одлуката на некои училишта да ја заменат физичката настава на пониските одделенија со онлајн настава, Филипче рече дека се работи за индивидуални примери и дека засега останува досегашниот систем кој се однесува на цела држава, за настава со физичко присуство на пониските одделенија и за онлајн настава на сите други, со извесни исклучоци.

Министерот додаде дека и покрај тоа што деновиве има зголемена потреба од хоспитализација на ковид болни, има места на Интерните клиники. Од вчера, Ковид-центри се отворија и на Клиниката за кардиологија и на Клиниката за пластична хирургија, но Филипче вели дека тоа е направено со цел „да има место буквално за секој пациент“.

>
>