
Алсат: Во Струга има 3.330 дивоградби!
Вкупно 3.330 дивоградби има на подрачјето на општина Струга. Ова стои во Регистарот на нелегални градби кој општина Струга го доставила до Министерството за транспорт и врски дознава Алсат. Станува збор за објекти, тераси, други градби и останата инфраструктура. Ова за Алсат денеска го потврдија и од ресорното министерство. Но, дали и колку од нив се во заштитениот појас, од Транспорт не кажуваат. Затоа пак, одговор има Мерко:
„..Овие прашања што вие ги наметнувате не се за изјава, односно во Струга како што сум рекол досега, во заштитената зона нема ниедна дивоградба“, рече Рамиз Мерко-градоначалник на Струга.
Но, од Алијансата на Албанците не се согласуваат со ваквите тврдења на градоначалникот.
„Ситуацијата на лице место го докажува спротивното… Градоначалникот вели дека во Струга не постојат дивоградби во заштитениот појас. Тогаш јавно го прашуваме: Каков е статусот односно како ги третираат објектите изградени со огромни димензии од тврд материјал кои се користат за секакви намени, а во ниту еден момент како урбана опрема?“, велат од Алијанса на Албанците.
Националниот координатор за УНЕСКО, министерот Едмонд Адеми вчера за Алсат тврдеше дека Мерко одбива да ја достави документацијата со дивоградбите, па во јавноста остава впечаток дека нешто крие. Неодамна и Националната комисија на УНЕСКО при контрола на струшкото крајбрежје утврди одредени ѕидања кај езерото и оти сето сето тоа треба да се отстрани, за што добиле уверѕвање од самиот градоначалник.. Но, Мерко и за ова вели дека сè е во ред.
„Комисијата дојде и во целост го разгледа целото крајбрежје и нема градби за рушење“, вели Мерко.
Oпштина Струга два месеци доцнеше со доставување на регистарот на дивоградби. Иако крајниот рок беше до октомври, оттогаш поминаа два месеца. Но, дали сега и во Струга ќе има уривање на бесправните градби, како што тоа се случи во Охрид, засега не се знае.
Извор:Алсат Тв
