
Американец нарача храна со ракетен фрлач: Протести во САД, луѓето на улиците излегоа со оружје!
Демонстранти кои протестираат против рестриктивните мерки во Северна Каролина, низ градовите шетаат вооружени, а еден од нив беше сниман со ракетен фрлач во ресторан за брза храна.
На социјалните мрежи се појавија видеа на кои може да се види како поголема група на луѓе шетаат низ улиците со оружје. Еден од нив е забележан во ресторан за брза храна како нарачува јадење вооружен со ракетен фрлач и два револвери. Друг има пушка со изгравиран кундак.
Дел од фотографиите и видеата ги направил фоторепортерот Тревис Лонг кој следел група наречена „Блу Игло“ која се собрала за да даде поддршка на Првиот и Вториот амандман од американскиот Устав.
Фоторепортерот за “CBS” изјави дека нивното појавување во ресторанот за брза храна бил протест против мерките за социјално дистанцирање поради пандемијата на коронавирусот.
„Тоа само говори колку ова време е чудно и колку нашата култура е поделена моментално. За нешто така едноставно како што е нарачување на сендвичи да влезете со толку голема количина огнено оружје. Само за да докажете дека сте во право во врска со Уставот“, изјави тој.
Во Северна Каролина носењето на оружје е дозволено, но не за време на јавни собири. Групата „Блу Игло“ признава дека тоа е незаконски, но тие се правдаат дека излегле на улиците за да земат свеж воздух, да се сончаат и вежбаат.
На прашањето дали носењето оружје е порака до некого, групата за “CBS” изјави дека тоа е само „потсетник дека вториот амандман важи исто како и првиот“.