Австријците под клуч по четврти пат поради корона пандемијата

 Австријците под клуч по четврти пат поради корона пандемијата

Од денеска во Австрија почнува четвртото заклучување поради епидемијата на коронавирусот, со што земјата стана првата западноевропска земја што повторно воведе драстична и непопуларна мерка оваа есен.

Повеќето места каде што се собираат луѓето, како ресторани, барови, театри и продавници, ќе бидат затворени 10 дена, а Владата соопшти дека заклучувањето може да продолжи и 20 дена.

Ќе мора да се затворат и божиќните саеми кои привлекуваат голем број туристи, но скијачките центри остануваат отворени за вакцинираните. Хотелите ќе се затворат, но ќе останат отворени за оние кои останале во нив пред заклучувањето.

  • – Ова е ситуација кога треба да реагираме сега. Заклучувањето, релативно тежок метод, е единствената опција за намалување на бројот на инфекции овде, изјави министерот за здравство Волфганг Муекштајн за ОРФ.

Во петокот, Владата во Виена соопшти дека денеска повторно ќе воведе целосно заклучување и оти вакцинацијата ќе биде задолжителна од 1 февруари, потег што го спроведоа само неколку земји.

Граѓаните можат да ги напуштат домовите само доколку одат на работа или да купат основни намирници. Одењето на прошетка е дозволено без временски или далечински ограничувања, а истовремено може да се сретнат две лица од различни домаќинства.

Работните места и училиштата остануваат отворени, но Владата побара од родителите да не ги испраќаат своите деца во училиштата и да ги задржат дома ако е можно.

x