
Азар донесе јасен заклучок за Бензема по само четири месеци во Реал
Еден Азар како капитен на белгиската фудбалска репрезентација во изминативе неколку дена беше голема мета на домашните медиуми од родната земја, а покрај тоа што зборуваше за перфектната игра на „црвените ѓаволи“ кои на мечот со Кипар ќе бркаат максимален биланс „10 од 10“ во квалификациите, крилниот напаѓач даде изјави и за новото искуство во Реал Мадрид.
Азар пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ како најголема ѕвезда и најзвучно засилување изминатово лето, но додека јавноста и натаму е во исчекување на негови најдобри изданија, Еден порача дека е посебно импресиониран од квалитетите на Карим Бензема.
Всушност, по само четири месеци минати со него, Азар дојде до заклучок дека Французинот е најдобар напаѓач во светот.
– Откако минав три или четири месеци со него, можам да кажам дека тој е најдобриот напаѓач во светот. Ова го кажувам не само поради тоа што дава голови, тој има улога и надвор од шеснаесетникот. Тој ги прави подобри и другите соиграчи во тимот, ги разигрува и се обидува секогаш да стои на располагање за тимот, – објаснува Азар.