Бебето од Харков тргна за Македонија, во Украина уште 50 Македонци

Бебето од Харков тргна за Македонија, во Украина уште 50 Македонци

Бебето  старо само неколку дена, што беше  заглавено со своите родители во Харков, каде во моментов се водат најголемите борби, тргна на пат за дома. Мајката за Телма потврди дека се приклучиле на конвојот на ОБСЕ, што треба да ги изнесе од Украина. Семејството не можело да го послуша повикот на МНР да се извлечат од Украина пред инвазијата, затоа што чекале термин за породување. Бебето се родило само два дена пред почетокот на нападите. Евакуација чекаат уште 50 наши државјани, од кои 20 се во Киев, а останатите се во други градови.

Од МНР им порачуваат на нашите државјани дека, е договорено со конзулатите и амбасадите на Романија, Молдавија, Полска и балтичките држави да им помогнат и доколку можат, слободно да им се обратат за помош. Се разговара и со Турција, да се приклучат кон нивните конвои.

На границата со Полска, пак, украинските власти не дозволуваат државата да ја напуштат македонски камиони кои превезуваат руска стока. На двајцата возачи кои се затекнале на границата во моментот кога почнала војната, им е дозволено да се вратат дома, но без возилата. Османи комуницирал со својот украински колега, се обидел да ги извлече и нашиот амбасадор во Варшава, но не успеал. Тврди дека, возачите се на безбедно и се наоѓаат во своите камиони.

Засега нема повици од наши граѓани кои се наоѓаат во Русија, а кои МНР ги повика да се вратат во земјава.

Нашите државјани во Русија немаат ни кому да се обратат за помош, затоа што во моментов немаме дипломатски претставници таму. Нема ни да имаме наскоро за тоа што испраќањето на новиот амбасадор кој требаше да замине за Москва на 15 март, е одложено поради ставот на државата кон ситуацијата со Украина.

Можеби ке те интересира




This will close in 0 seconds