
Беќири: Желбата и тимскиот дух најмногу ме радуваат, задоволен сум од подготовките
Успешно извршените подготовки во Турција и победата над Пелистер од 2-0 во генералната проба пред стартот на пролетта ги задоволува фудбалерите на Струга Трим Љум. Тренерот Јетон Беќири за Gol.mk го анализираше сработеното, најавувајќи плодна пролет.
„Задоволен сум од текот на подготовките, од ангажманот на фудбалерите и најзадоволен сум што нè одбегнаа повреди. Мали проблеми ни направи вирусот кој разболе неколку фудбалери, но мислам дека за недела дена играчите ќе заздрават и ќе бидат максимално подготвени за стартот на сезоната. Најмногу во текот на подготовките и тест натпревари ме радуваше желбата за игра кај фудбалерите што е многу важно за тимскиот дух на екипата“, ни рече тренерот на Струга Трим Љум.
Младиот тренер потоа ни објасни зошто стручниот штаб и управата одлучија да не менуваат премногу оваа зима.
„Инсистирав да нема многу заминувања и нови фудбалери во зимскиот преоден рок. Моето тренерско искуство кажува дека екипата не треба да претрпи големи измени помеѓу двете полусезони. Струга Трим Љум доведе еден стопер, фудбалер за врска и еден полушпиц, со кои ќе ја зголеми конкуренцијата во екипата“, заврши Јетон Беќири.
В недела од 14:00 часот Струга Трим Љум првиот пролетен натпревар ќе го одигра против Работнички крај Охридското езеро.
Извор.gol.mk