Бектеши во Софија на состанок на Берлинскиот процес и ЦЕФТА

 Бектеши во Софија на состанок на Берлинскиот процес и ЦЕФТА

Министрите за економија на Северна Македонија и на Бугарија, Крешник Бектеши и Лачезар Борисов денеска во Софија ќе одржат состанок во рамки на заедничкото претседателство на двете држави со Берлинскиот процес за 2020 година. На состанокот, како што информираа од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), ќе присуствува и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Ѓикиќ.

Министерот Бектеши ќе претседава со пленарната сесија за заеднички регионален пазар (вклучително и Дигитална агенда и Подвижност на младите), а неговиот бугарски колега, Борисов ќе претседава со пленарната сесија за Зелената агенда за Западен Балкан (вклучително и „Зелена економија“ и поврзаност – Иницијатива за проширување на зелените коридори кон соседните земји-членки на ЕУ).

Исто така, за време на состанокот ќе биде презентиран и проектот на ГИЗ за е-трговија во ЦЕФТА регионот. Посебен фокус ќе биде ставен на напредокот постигнат од WB-6 во воспоставувањето Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан, вклучително и Иницијативата за проширување на зелените коридори/ленти кон соседните земји-членки на ЕУ. Заедничкиот регионален пазар ќе го интензивира слободното движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, вклучувајќи мерки за вкрстување, како што се Зелените ленти, што ги имплементира ЦЕФТА, посочуваат од ЦЕФТА.