Без телефони и интернет 15 луѓе минаа 40 дена во пештера, и еве зошто сакаа да останат уште (ВИДЕО)

 Без телефони и интернет 15 луѓе минаа 40 дена во пештера, и еве зошто сакаа да останат уште (ВИДЕО)

Петнаесет лица учествуваа во необичен експеримент – тие останаа под земја, во пештера на југозападот на Франција, 40 дена, сè со цел да се покаже како отсуството на часовници, дневна светлина и надворешните комуникации ќе влијаат на нивното чувство за време.

Со големи насмевки на бледото лице, по 40 дена, група луѓе излегоа од доброволната изолација во пештерата Ломбрив со аплауз, носејќи специјални очила за да ги заштитат очите по толку време во мракот.

„Беше како да притиснавме пауза“, рече Марина Лансон, една од седумте жени кои учествуваа во експериментот.

Таа рече дека посакувала да може да остане во пештерата уште неколку дена, но дека е среќна што го чувствува ветрот на нејзиното лице и ги слушна птиците како повторно пеат.

Нејзиниот план не бил да го земе својот „паметен“ телефон побрзо или подобро по излегувањето од пештерата, туку напротив – да го остави настрана уште неколку дена во надеж дека ќе избегне „премногу брутално“ враќање во реалниот живот.

Групата живеела во пештера и била истражувана како дел од проектот наречен „Длабоко време“ (Deep time). Немало природна светлина, температурата била 10 степени, а релативната влажност 100%. Тие немале контакт со надворешниот свет, немале вести за пандемијата и немале комуникација со пријателите или семејството.

Научниците од Институтот за човечка адаптација, кој води проект вреден 1,2 милиони евра, велат дека експериментот ќе им помогне подобро да разберат како луѓето се прилагодуваат на драстичните промени во животните услови и животната средина.

Очекувано, оние во пештерата го изгубиле чувството за време

„И тука сме! Само што излеговме по 40 дена… Тоа беше вистинско изненадување за нас”, изјави директорот на проектот Кристијан Клот, додавајќи дека во нивните глави изгледало како да влегле во пештерата “само” 30 дена пред

Еден член на тимот го проценил времето под земја на 23 дена.

Јохан Франсоа, наставник по математика и инструктор по едрење, истрчал 10.000 метри во пештерата за да остане во форма. Тој рече дека понекогаш имал „висцерални пориви“ да замине.

Без дневни обврски и без деца, предизвикот бил „да се профитира од сегашниот момент, без никогаш да се размислува што ќе се случи за еден час, за два часа“, рече тој.

Во партнерство со лаборатории во Франција и Швајцарија, научниците користеле сензори за следење на спиењето, социјалните интеракции и реакциите на однесувањето на 15 членови на тимот.

Еден сензор бил мал термометар во капсула што учесниците ја проголтале како таблета. Тој ја измерил температурата на неговото тело и ги префрлил податоците на компјутер сè додека не се исфрлат природно.

Членовите на тимот ги следеле нивните биолошки часовници за да знаат кога да се разбудат, заспијат и јадат. Деновите не се сметале во часови, туку во циклуси на спиење.

„Навистина е интересно да се гледа како оваа група се синхронизира“, рече Клот претходно во видеото од внатрешноста на пештерата. Заеднички предизвик беше заедничката работа на проекти и организирање задачи без да може да се одреди време за состанок, рече тој.

Две третини од учесниците изразиле желба да останат уште малку под земја за да ги завршат групните проекти започнати за време на нивниот престој, рече Беноа Мовиек, хронобиолог вклучен во истражувањето.

„Нашата иднина како луѓе на оваа планета ќе се развива“, рече Клот по заминувањето. „Треба да научиме подобро да разбереме како нашиот мозок е во состојба да најде нови решенија, без оглед на ситуацијата“, заклучи тој.

>
>