
Безбедносната состојба на подрачјето на седум општини што ги покрива СВР Охрид е стабилна…
Безбедносната состојба на подрачјето на седум општини што ги покрива СВР Охрид е стабилна. Изминатово деноноќие, во периодот од 07 часот на 08.04 до 07 часот на 09.04.2020 година, две лица (Охрид-1, Струга-1) не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19.. Во истиот период, не се регистрирани собирања на граѓани, кражби и сообраќајни незгоди. Во текот на вчерашниот ден околу 17 часот, при извршена контрола на булеварот „Туристичка“ во Охрид, затекнато е лицето Б.К.(27) од струшкото село Велешта кој, извршил злоупотреба на добиената дозвола за движење, со важност само за атарот на селото. Тој е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава. На 08.04.2020 година, околу 18 часот, во полициската станица во Струга, пријавен е нарушен јавен ред и мир, со карање и оштетување на предмети, извршено на улицата „Елпида Караманди“ во Струга. Приведен е нарушителот И.Д.(25) од Струга и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14 – дневна самоизолација. Нема нови лица со решение за изолација и извршени се 26 контроли на лицата кои веќе се во изолација ( Охрид-14, Струга-9 и Кичево-3). Евидентирани се 29 нови лица во самоизолација, (Охрид-а, Струга-19, Дебар-8) и извршени се 262 врз овие лица ( Охрид-3, Струга-188, Кичево-3 и Дебар-68).
На подрачјето на СВР Охрид, регистрирани се вкупно 627 лице што се под задолжителна мерка државен карантин (Охрид- 326, Струга- 301) кои се сместени во пет сместувачки објекти. Полициските службеници извршија 56 контроли на угостителски објекти.
Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.
Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.
Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана за движење за сите граѓани на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 05 часот наредниот ден и за време на викедот што следува, од петок од 16 часот па се до 05 часот во понеделник. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.