Британскиот сој на коронавирусот пристигнал во земјава уште пред Нова година

 Британскиот сој на коронавирусот пристигнал во земјава уште пред Нова година
Во епидемиолошката анкета тој нема пријавено контакти ниту, пак, навел дека патувал надвор од државата

Британскиот сој на коронавирусот пристигнал во земјава уште пред Нова година. Со него бил заразен пациент кој веќе неколку дена се води како излекуван, соопшти Министерството за здравство.

Станува збор за 46-годишен маж, кој уште на 29 декември 2020 поради покачена температура и отежнато дишење направил брз тест. Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), тестот бил позитивен, а по неколку дена, на 4 јануари 2021, пациентот заминал на преглед во приватната болница „Жан Митрев“. Таму му направиле ПЦР тест и тој бил позитивен, а пациентот веднаш бил хоспитализиран. На 15 јануари му направиле уште еден тест кој повторно излегол позитивен.

Во базата на податоци на ИЈЗ, пациентот се води како оздравен од 22 јануари 2021.

Во епидемиолошката анкета тој нема пријавено контакти ниту, пак, навел дека патувал надвор од државата.

Дека тој е заразен со британскиот сој, утврдиле во лабораторијата во „Жан Митрев“.

„Лабораторијата во болницата ’Жан Митрев‘ со посебна ПЦР метода е утврдено дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до нас, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабораторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2“,

велат од Министерството за здравство.

Анализи дали британската мутација ја има во земјава се правеа и во лабораторијата на МАНУ, но како што соопшти министерот Венко Филипче минатата недела, од примероците кои таму беа анализирани не беше утврдено дека таа пристигнала во Северна Македонија.

>
>