• 23/09/2020

Царинската управа го поддржува одржувањето на економската активност и поддршка на извозот, покрај тешките услови извозот во периодот јануари-март 2020 година е поголем за околу 210 милиони евра

 Царинската управа го поддржува одржувањето на економската активност и поддршка на извозот, покрај тешките услови извозот во периодот јануари-март 2020 година е поголем за околу 210 милиони евра
loading...
Advertisement

„Царинската управа заедно со сите органи и Министерства во Владата на Република Северна Македонија, прават исклучителни напори за одржување на економската активност и поддршка на извозот“, рече директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на денешната прес-конференција на која информираше за конкретните мерки во областа на прекуграничната трговија.
 
Според податоците на Царинската управа за надворешно-трговската размена, вкупната вредност на извозот во периодот јануари-март 2020 година изнесува 86,77 милијарди денари или 1,41 милијарди евра, што е поголемо за околу 210 милиони евра во однос на 2019 година. Вкупната количина на извезени стоки изнесува 702.650 тони.
 
„Покрај исклучително тешките услови, извозот на свеж зеленчук во март 2020 година е поголем за околу 3.000 тони во однос на 2019 година, додека кај вредноста се бележи благо намалување. Во март 2020 година изнесувал 290 милиони денари или околу 4,7 милиони евра. Што се однесува на извозот на свежото овошје, во март 2020 година е поголем за околу 1 милион евра во однос на 2019 година. Извозот на свежо овошје во март 2020 година изнесувал околу 3,7 милиони евра или околу 9.126 тони“, објасни директорот Танасоски.
 
Тој истакна дека во рамки на своите надлежности и овластувања, Царинската управа на членките на Советодавното тело, пред се, коморските здруженија, транспортните здруженија како АМЕРИТ и МАКАМТРАНС, постојано доставува информации поврзани со прашања поврзани со увозот и извозот на стоки и прекуграничното движење на стоките.
 
„Во таа насока, ние постојано се трудиме овие информации да бидат достапни до јавноста преку соодветните интернет страници и преку социјалните медиуми постојано го ажурираме Упатството за царински прашања поврзани со вонредната состојба КОВИД-19“, рече директорот Танасоски и додаде дека во рамки на македонското претседателство се Поткомитетот за царини и потекло на стоки во рамки на ЦЕФТА покрената е иницијатива за воспоставување на т.н., зелени коридори, каде сите земји членки на ЦЕФТА се обврзани да обезбедат 24 часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки во рамки на ЦЕФТА регионот, како и на клучните гранични премини со Европската Унија, со приоритет за минување на свежите земјоделски и прехранбени производи, лековите и медицинската опрема.
 
Како резултат на воведувањето на дигиталната царина и безхартиената царинска околина со воведувањето на новиот софтвер од 01.04.2020 година царинската постапка за извоз е целосно без хартија.
 
„Тоа практично значи дека секој извозник покрај тоа што не треба да поднесува царинска декларација за извоз, не е потребно да ги поднесува и придружните царински документи, како фактура, ЦМР. На овој начин, придобивките од модернизацијата на царинското работење и дигитализацијата, покрај олеснување на трговијата, во ова кризно време придонесуваат и за што поголемо избегнување на физичкиот контакт помеѓу економските оператори и царината“, објасни директорот Танасоски.
 
Покрај редовните царински постапки, поедноставните царински постапки на компаниите им овозможуваат можност за царинење на стоките во период од 24 часа. Така, и покрај силното ограничување во однос на движењето преку овие царински постапки, Царинската управа и Владата на Република Северна Македонија обезбедија во овој период да не постојат никакви сериозни нарушувања во поглед на снабдувањето со стоките.
 
Со цел да се олесни работата на економските оператори, Царинската управа по службена должност го продолжи рокот на важење до 30.09.2020 година, на сите одобренија за поедноставени царински постапки што истекуваат до 31.05.2020 година. Ова значи дека истите се применуваат под услови и критериуми под кои биле издадени, при што компаниите не е потребно да вадат низа пропратни документи од разни институции со цел да ги добијат одобренијата.
 
За време на траење на полицискиот час, со исполнување на одредени услови (како меѓународен транзитен документ Т1 или извозен придружен документ EXMK), дозволено е движењето на стоки во транзитна постапка и поедноставена постапка на извоз и увоз.
 
Владата на Република Северна Македонија објави низа одлуки за укинување на царински давачки за увоз на потрошен медицински материјал, лекови и суровини за производство на медицинска опрема. Исто така, донесена е одлука за укинување на царина за замрзнато свинско месо заради стимулирање на домашното производство. Одлуките ќе се применуваат заклучно со завршување на траење на вонредната состојба.
 
Со член 238 од Царинскиот Закон е регулирано дека на барање на економскиот оператор, царинскиот орган може да одобри одложување на плаќањето на износот на давачките којшто треба ги плати засегнатото лице, за стока декларирана за царинска постапка која вклучува обврска за плаќање на таквите давачки. Така да, секој економски оператор што увезува стока може да побара одложување на плаќање на царинските давачки (царина, ДДВ и акциза) во рок од 30 дена.
 
На основа на известување од деловните банки, Царинската управа по службена должност го продолжи рокот на важење на банкарските гаранции до 30.09.2020 година. По службена должност се продолжи рокот на важење на одобренија за одложено плаќање на увозни давачки, за сите иматели за кои рокот на важење на гаранцијата е продолжен по службена должност.
 
Со оглед на зголемената побарувачка на етил алкохол како основно средство за дезинфекција во борба против КОВИД-19, Царинската управа донесе мерки за поедноставување на постапката на реиздавање на одобренијата за повластени корисници на етил алкохол на установите од јавното и приватното здравство како и на компаниите кои произведуваат средства за дезинфекција.
 
„Во насока на олеснување на условите за работење на компаниите при набавка и дистрибуција на алкохол за медицински цели за изработка на лекови и средства за дезинфекција, донесена е Уредба со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба со која е обезбедено продолжување на рокот за поднесување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг“, подвлече директорот Танасоски и на крај им се заблагодари на сите царински службеници кои се на граничната линија и на сите учесници во царинската постапка, превозниците и царинските застапници, што секојдневно надвор од нивните домови се грижат за одржување на економската активност, движењето на стоките и извозот на нашите производи.