
Десет електрични кревети доби Општата болница во Охрид
Автомат клубовите „Астра“ денеска за потребите на Општата болница во Охрид донираа медицинска опрема во вредност од 20 илјади евра. Станува збор за десет електрични кревети, донација реализирана преку хуманитарната акција, што ја спроведуваат компаниите од Групацијата „Новоматик“.
Во рамки на хуманитарните активности се донира медицинска опрема, што им е потребна на здравствените установи во државата во справувањето со предизвиците наметнати од коронавирусот.
Донаторите веруваат дека со заеднички напори, помош и поддршка на институциите и секаде каде е потребно ќе се надминат последиците на епидемијата од Ковид-19, но истовремено ќе се подобрат условите за третман на пациенти, во насока на зачувување на колективното здравје.
Директорот на Општа болница – Охрид, Горан Балевски појасни дека се работи за специјални кревети со хидраулична асистенција за промена на положбата на телото на потребите на пациентот, наменети за Интерното одделение како најфреквентно одделение во установата. Одделението е и регионален центар за општа интернистичка патологија со посебни соби за изолација за сомнителни, непотврдени пациенти од различна патологија, а поврзани со Ковид-19.