Ескалира состојбата во Словенија: 1.503 новозаразени за еден ден

 Ескалира состојбата во Словенија: 1.503 новозаразени за еден ден

Во Словенија ескалирала состојбата со коронавирусот. Утрово било објавено дека е постигнат црн рекорд во последните 24 часа по бројот на новоинфицирани, дури 1.503 нови случаи.

Синоќа во 21 часот, за првпат во историјата на независна Словенија, стапил во сила полицискиот час, односно ограничувањето на движењето помеѓу 21 и 6 часот наутро. Од полноќ, дружењето е ограничено на најмногу шест лица, а постои и забрана за движење меѓу регионите.

„Како што имаше ограничување на општините во пролетната сезона, така и сега постои ограничување на регионите“, објаснил министерот за внатрешни работи на Словенија, Алеш Хојс на прес-конференцијата, пренесува словенечките медиуми.

Воведувањето полициски час во главниот град помина доста мирно, а властите сооштиле дека шетањето куче е оправдана причина за кршење на полицискиот час, но не и ако полицијата ве фати во друг дел од градот.

Во Марибор ситуацијата била поинаква, околу сто демонстранти се собрале на Главниот плоштад. Меѓу другото, тие извикувале дека полицискиот час не е уставен, а за вечерва е закажан нов протест.

Синоќа, како реакција на протестот, премиерот на Словенија, Јанез Јанша, на Твитер објавил дека Словенија веќе има над 1.100 новоинфицирани лица во последните 24 часа и ги повикал луѓето сериозно да ја сфатат ситуацијата.

Портпаролот на словенечката влада за Ковид-19, Јелко Кацин ги повикал луѓето да останат дома, пренесува порталот Индекс.

„Навистина останете дома ако можете. Многумина од нас треба да одат на работа, особено денес. Грижете се за себе и повикајте ги оние на кои им е потребна помош и утеха. Ги нема малку“, напишал Кацин.