Филипче најави набавка на најсофистицирана терапија за ковид-пациентите- британскиот сој ќе стане доминантен и во државава

 Филипче најави набавка на најсофистицирана терапија за ковид-пациентите- британскиот сој ќе стане доминантен и во државава

Иако веќе неколку недели се бележи пад на бројот на заболени и надлежните велат дека коронавирусот е под контрила, Министерот за здравство Венко Филипче сепак најави нова набавка на најсофистицирана терапија за ковид-пациентите.

Целата терапија за третман на ковид-пациенти кај нас веќе е достапна, а како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, дополнително ќе се набави нова терапија.

Поточно, Министерството за здравство вчера испратило писмо до Европската комисија за резервација на најсофистицираната моноклона комбинирана терапија на антитела за третман на пациенти заболени од Ковид-19, со „коктел“ од „casirivimab” и „imdevimab”.

– Првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид, т.н моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земји, ќе биде и кај нас, истакна вчера Филипче. Овој лек ќе биде набавен со помош на кредит од Светска банка.

По потврдувањето на првиот случај на британскиот сој на вирусот, лекарите предупредуваат дека тој веројатно ќе стане доминантен во земјава поради поголемата способност за ширење.

Докторот Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“, каде што беше детектиран британскиот сој на Ковид-19, вели дека оваа варијација на вирусот веќе циркулира кај нас, а поради неговите особености најверојатно ќе стане се подоминантен, поради што треба да има постојан мониторинг со воведување нови методологии.

– Препораката од СЗО и Европскиот центар за контрола на заразни болести е барем пет отсто од сите позитивни изолати да се секвенционираат со цел утврдување на промената на соевите, а тоа ќе биде релевантно за самите стратегии за сузбивање на пандемијата, на пример дали ќе треба да се преземат порестриктивни мерки, бидејќи многу полесно се пренесува, дали ќе има влијание врз ефикасноста на вакцините, рече Кунгуловски.

Тој појасни дека за неколку месеци, британскиот сој ќе стане доминантен и во државава и во многу земји, бидејќи многу полесно се пренесува од претходните соеви.

Овој вирус, како што рече, еволуира многу побавно и најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина. Се смета дека се пренесува за 70 отсто побрзо од претходните соеви, односно доколку требало да се заразат десет луѓе ќе се заразат 17 луѓе.

-Иницијално излегоа податоци дека нема влијание врз смртните исходи, но сега излегуваат податоци за кои треба да се направат и подетални студии, не сакаме да креваме паника, има некои индикатори дека благо е зголемена и смртноста за 30 отсто. Но, за тоа да стане факт треба подетални студии кои ќе бидат рецензирани од експерти за да се излезе со таа информација, посочи д-р Кунгуловски.

Вчера беа регистрирани 336 нови случаи на ковид-19, 385 оздравени пациенти, а за жал 10 починаа.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 91891, бројката на оздравени пациенти е 80393, на починати е 2831, а бројот на активни случаи изнесува 8667. 

x