Филипче: „Полициски час“ нема да донесе ништо, есенскиот пик на вирусот е зад нас

 Филипче: „Полициски час“ нема да донесе ништо, есенскиот пик на вирусот е зад нас

Ситуацијата со активните случаи на ковид-19 во Македонија е стабилна, преземените мерки давале резултати, па затоа и воведување на дополнителни нема да променат нешто, ниту, пак, „полициски час“. Ова е став на министерот за здравство, Венко Филипче, кој го истакна при добивање на норвешката донација на 13.500 брзи тестови за вирусот, додавајќи дека есенскиот пик е зад нас.

– Евидентно е дека сме на едно плато. Пред една недела или нешто повеќе, беше регистриран најголемиот број на случаи, во еден ден имавме 1.400 и од тогаш бројката лесно се намалува, а ние тоа го чувствуваме и со притисокот кон болниците. Сега сметаме дека потреба да се препорачува ништо друго и да објаснам зошто. Полициски час по 21 часот навечер практично сметаме дека нема ништо да донесе, нагласи првиот човек на здравство.

Во врска со предупредувањата на дел од истакнати лекари и професори дека прекумерна употреба на лекови чија комбинација може да има сериозни, па и фатални последици по организмот, Филипче тврди дека медицинскиот персонал во ковид центрите низ земјата постапува согласно протоколите и препораките, а третманот на пациентите е во зависност од индивидуалната клиничка слика.

– Да не се пијат антибиотици неконтролирано. Има сосема доволна количина лекови за третман на пациенти со ковид-19. Ова не е болест за која има еден специфичен лек, истакна во тој контекст министерот за здравство.

Тој рече дека огромен број на клинички студии се прават и сè уште нема еден лек за третман на болеста.

– Станува збор за комбинација на лекови. За секоја од комбинациите е потребно да се погоди тајмингот и индикацијата врз основа на анализите. Од клиниката слика, од манифестацијата и од анализите на крв на белите дробови, итн., зависи каква терапија ќе биде препишана на пациентот, како на примарно ниво, така и во болнички установи, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по примопредавањето на донацијата од 13500 брзи тестови за државава од Кралството Норвешка во кругот на Воено-медицинскиот центар во Скопје.

Тој рече дека професорот Никола Пановски од Институтот за микробиологија укажал на случај во кој се препишани поголем број антибиотици и им испратил документи што ќе ги испитаат.

– Сакаме да видиме дали за тоа имало индикации и Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја направи таа анализа. Станува збор за случај од околината на Струга. Денеска го замолив професорот да направи консултација со нашите експерти од Клиниката за пулмологија во врска со препишувањето на антибиотиците. Верувам дека некои од овие прашања ќе се расчистат, нагласи Филипче.