• 22/09/2020

Филипче предлага седум дена да се забранат сите јавни собири

 Филипче предлага седум дена да се забранат сите јавни собири
loading...
Advertisement

Министерот за здравство, Венко Филипче дал предлог Владата да ги ограничи масовните јавни собири како превенција на вирусот во пресрет на карневалите во Струмица и во Прилеп, мерка која била договорена доцна синоќа на состанок со Центарот за управување со кризи.

– Денес Владата ќе има седница специјално за оваа точка. По седницата ќе информираме за одлуката. Нашиот предлог ќе биде да се забранат сите јавни собири на луѓе со голема бројка без разлика дали се на отворено или на затворено. Во затворен простор ризикот од пренесување на инфекцијата е поголем меѓутоа истото важи и за отворен простор ако дистанцата меѓу луѓето е мала, а тоа е безбедна дистанца од 1-1,5 метар што на карневал е невозможно да се почитува. Сметам дека треба да се откажат сите големи јавни собири, вклучително и спортските натпревари. Тоа што ние ќе препорачаме како Министерство за здравство ќе биде мерката да важи најмалку една недела од денеска, до следниот петок, со таа можност во кој било момент да се донесе друга мерка во зависност од тоа како ќе се движи состојбата во однс на пациентите но и во однос на тоа што се случува во регионот околу нас – рече Филипче.

За споредба, тој даде пример со Грција кадешто откажан е карневалот во Патра иако двајцата заболени од коронавирус се во Солун.

Министерот денеска на прес-конференција информираше дека патник кој од Италија се вратил во Струмица на 22 февруари пријавил дека има покачена температура. Земен е материјал за анализа и резултатите од тестот за коронавирус се очекуваат во текот на денот.

Вчерашните бројки покажуваат дека на светско ниво коронавирусот за првпат се јавува во нови земји. Министерот Филипче рече дека за првпат вирусот се јавува во Нигерија, но и во четири други европски земји Естонија, Данска, Холандија и Литванија. Со ова вкупната бројка на заболени во Европа изнесува 774 од кои 650 се во Италија.