Филипче: Засега нема потреба од полициски час

 Филипче: Засега нема потреба од полициски час

Министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5, рече дека постојните мерки против ковид-19 се добро димензионирани и дека лекарите и сестрите се борат за секој човечки живот.

– Различни земји во Европа имаат различни мерки, но се затвораат неесенцијалните бизниси и објекти. Капацитет на болниците е најважен параметар за тоа, дали ќе воведеме други, поригорозни рестрикции. Засега отвораме нови капацитети и сметаме дека не е потребен полициски час. Ако се затворат угостителските објекти во 21 часот, како што предложи Комисијата за заразни болести, ако луѓето се прибираат дома порано, ако ги почитуваат мерките, тогаш и бројките ќе се намалат. Значи, во овој момент, од форма на карантин, како полициски час, не ма потреба – рече Филипче.

Во врска со голем број мртви од коронавирус, вклучувајќи ја и денешната бројка – 21 починати, министерот се согласува дека навистина има сериозен процент со смртен исход.

– Главно, причина за смртниот исход најчесто е што заболените доцна доаѓаат во болница, но тешко е да се каже која е причината што доцна се јавуваат во болница. Дел од нов се уште не веруваат дека постои вирусот. Сепак, и покрај големите бројки, ние останува на тоа – да ги заведуваме како починати од ковид-19 и оние заболени кои имале претходна друга сериозна болест – рече Филипче.

Тој вели дека било очекуван овој бран и процент на позитивни, но, истакна министерот, со почитување на нивите мерки прогнозите се дека за неколку недели, односно за еден месец, бројките да се намалат.

Од почетокот на кризата мерките ги даваме по сите препораки на СЗО, истакна министерот за здравство.

Филипче истакна дека опозицијата се однесува како да нема пандемија, како да живеат на некоја друга планета.

– Во сите околни земји, во регионот, во Европа има огромен број на новозаразени и починати.
Според опозицијата секоја влада и секој министер во светот треба да поднесе оставка заради тоа што насекаде се зголемува бројот на случаи. Опозицијата кажуваше есенски бран е многу тешко да се замисли да има, даваше изјави дека маските биле штетни, итн. Немаме конструктивен предлог од опозицијата, ништо паметно не слушнав освен обвинувања – рече министерот за здравство.