
Филмскиот мост Зовиќ изграден од Мајстор Ѓуладин од Лабуништа во 1955 година
Камени мост — камен лачен мост кој ја премостува Градешка Река во непосредна близина на мариовското село Зовиќ. Се смета за едно од најубавите архитектонски зданија во Мариовскиот Крај. Поради тоа што овој мост го инспирирало и најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски, да сними дел од својот филм „Прашина“, се нарекува и уште Филмски мост.
На местото на сегашниот Камен мост, до 1950 година постоел дрвен мост кој не бил многу сигурен и бил тесен.
Според кажувањето на селаните, мостот се преполовил под товарот на еден локален селанец (Трајкоски Велко), кој преку мостот водел претоварена воловска кола. Кога стигнал до средината на мостот, истиот се преполовил и Велко заедно со колата и воловите паднале во реката. За среќа во воденицата под мостот биле и воденичарите кои веднаш истрчале и ги извадиле Велко и воловите.
Велко бил однесен во болницата во Битола, и покрај сериозните повреди преживеал и со одреден степен на инвалидитет доживеал и длабока старост.
На местото на стариот дрвен мост, селото решило да го изгради постојниот камен мост, со цел повторно да се обезбеди комуникацијата со другата страна на реката.
Со залагање на месното население и колективите камениот мост бил изграден во 1955/6 година. Мајстор бил Ѓуладин или Џуладин по потекло од село Лабуништа, струшко, кој заедно со своите работници живееле во селото додека се градел мостот и секоја куќа имала за задача одреден период да се грижи за нив.

Мостот се вбројува меѓу најубавите архитектонски дела во Мариово. Изграден е од камен, односно делкани и приделкани камени блокови. Има лачна форма и прилагоден е на конфигурацијата на теренот. Во долниот дел во непосредна близина на реката од страната на селото Зовиќ изградена е Воденица, која населението ја користело за мелење на житарици. Воденицата е изградена од камен и била покриена со камени плочи.

