
Голема акција на италијанската полиција: Уапсени 20 припадници на „Коза Ностра“
Италијанската полиција постигна голем успех откако во Палермо во голема акција успешно беа фатени и уапсени 20 припадници на мафијашката организација „Коза Ностра“.
Во акцијата на италијанските „Карабињери“ биле уапсени од мафијашки босови, па се до „ситни крадци“, пренесува „Хафингтон Пост“.
Уапсените го контролирале делот на Палермо кој бил наречен „Борго Векијо“.
Криминалците се обвинети за изнудување, убиства, криминално здружување, продавање на дрога, кражби, провали и слично.
Акцијата била организирана откако сопственици на повеќе продавници од квартот се побуниле и пријавиле во полиција затоа што повеќе не можеле да издржат да ја плаќаат наметнатата „заштита“ на мафијашкото семејство на Анџело Монти.
Босот Монти беше во затвор во последните три години исто така поради мафијашки делувања, но по излегувањето повторно ја презел улогата на бос и продолжил со криминалните активности.
Мафијата во споменатиот кварт вршела и присилно собирање на пари кои се тврдело дека се наменети за религиозни манифестации и музички концерти.
Мафијашите бирале кои од познатите пејачи ќе учествува на концертите, ги контролирале и навивачите на фудбалските тимови, а од парите собрани со илегалните активности, меѓу другото, ги помагале мафијашките семејства чии членови биле во затвор.