• 21/09/2020

Грипот ги испразни училиштата

 Грипот ги испразни училиштата
loading...
Advertisement

Променливото време, односно високите дневни температури, а ниските ноќни, ги полнат ординациите и болниците. Пациенти со симптоми на грип, меѓу кои најмногубројни се основците и средношколците, не одат на настава, а наставниците се принудени да ги одложуваат контролните тестови по наставните предмети.
Освен училиштата, испразнети се и градинките. Во група од по 30 деца, во една градинка во општината Ѓорче Петров, во градинка оделе само пет деца. Слична е состојбата и во училиштата.

– Нема поента да давам контролни тестови кога речиси целото одделение е отсутно поради болест.

Имам и колешки што се грипозни и не одат на работа заедно со децата. Во моето одделение има само шест деца – вели наставничка во училиште во Карпош.
Мајки на социјалните мрежи пишуваат и се жалат дека децата имаат симптоми на висока температура, која трае со денови, и кашлица. Често се случува и откако ќе закрепнат и ќе појдат на училиште, грипот повторно да им се врати. Големи отсуства од градинки и од училишта има и во Струмица, Велес, како и во други градови во државата.

И болниците се полни со деца што имаат посериозни компликации.
На Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, на болничко лекување се околу 80 деца, а во болницата има капацитет од 90 легла. Од оваа година, децата над четиригодишна возраст се примаат на Инфективната клиника, а на Клиниката за детски болести се хоспитализираат деца под четиригодишна возраст.
Засега нема најави од Комисијата за заразни болести за прогласување епидемија на грип. Министерот Венко Филипче вели дека не се прогласува епидемија бидејќи грипот е сезонска епидемија сам по себе.

– Светската здравствена организација може да прогласи пандемија, но далеку сме од тоа. Се договоривме да се ограничи посетата во сите јавни здравствени установи преку Комисијата за заразни болести – вели Филипче.
Според последните бројки на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), има 2.825 регистрирани пациенти со заболувања слични на грип.

– Во вирулошката лабораторија се пристигнати 80 материјали за тестирање на грип. Од нив, 49 се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца. Кај 26 е детектиран тип А, а 23 се инфлуенца тип Б. Најголем број случаи се пријавени во најголемата возрасна група (лица од 15 до 64 години), а највисока инциденца е регистрирана кај децата на возраст од пет до 14 години – информираат во ИЈЗ.

Инаку во Србија веќе е прогласена епидемија на грип поради големиот број заболени. Не работат училиштата и градинките поради заштита на здравјето на децата.
Привременото стопирање на работата на предучилишните и училишните установи е воведено поради прешироката распространетост на грипот.
За тоа како ќе се надомести пропуштената настава тамошните образовни власти ќе одлучуваат дополнително.

Извор:novamakedonija