Холандија забрани летови од Индија поради новата мутација на Ковид-19

 Холандија забрани летови од Индија поради новата мутација на Ковид-19

Холандија од денеска забранува летови за патници од Индија. Ограничувањето ќе трае до 1 мај, поради стравувањата дека новата мутација на Ковид-19 ќе се прошири низ Европа. Забраната не влијае на товарните летови и на превозот на медицински персонал, соопшти холандското Министерство за транспорт.

Велика Британија во петокот потврди 100 случаи на коронавирус со индиската мутација. Забранет е влез во земјата на индиски граѓани кои немаат британски пасоши и постојан престој на островот.

Австралија исто така најави дека ќе ги ограничи директните летови од Индија за 30 отсто и ќе го ограничи бројот на нејзините граѓани кои можат да се вратат во земјата.

Европската комисија препорача земјите-членки да воведат мерки во врска со повеќе тестирања и построг карантин за патници од земји со висок ризик од коронавирус. Сепак, одлуките за ограничувања на движењето се прашање на национална надлежност. Во петокот, Комисијата соопшти дека нема докази за зголемен ризик од заболување и вакцинирање како резултат на инфекција со „индиската“ варијанта на вирусот.

Инфекцијата со коронавирус во Индија денеска е на рекордно високо ниво, петти ден по ред, а земјите меѓу кои Велика Британија, Германија и САД ветија дека ќе испратат итна медицинска помош за да и помогнат на земјата да се справи со кризата која ги преполни болниците.

Бројот на заразени во изминатите 24 часа се зголеми на 352.991, додека преполните болници во Њу Делхи и на други места одбиваат пациенти откако им снема медицински резерви на кислород и кревети.

– Во моментов, болниците се во екстремна кризна ситуација, изјави портпаролот на болницата Сер Гинга Рам во главниот град на Њу Делхи.

Премиерот Нарендра Моди ги повика синоќа сите граѓани да се вакцинираат и да бидат внимателни, додека болниците и лекарите испратија итни предупредувања дека не можат да се справат со приливот на пациенти.

>
>