
„И јас и ти, сите сме пешаци“ – кампања во Струга за безбедност во сообраќајот
Под мотото И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место! во Струга беше прмовирана кампањата на Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје.
Кампањата за подобрување на безбедноста на пешаците, како што информира претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, ќе се реализира во наредните неколку месеци, во повеќе градови низ државата.
- „Целта на оваа кампања е со помош на едукативен материјал да се подигне свеста за зголемување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот но посебно пешаците, да сватат дека тие се рамноправни учесници во сообраќајот со сите останати и да ги почитуваат правилата и прописите“, истакна Гордана Кожуровска.
Според помошникот на министер за односи со јавност во МВР, Тони Ангеловски, ваквите активности помагаат во подигање нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
Минатата година, додаде, има 116 жртви и тоа е година со најмал број жртви во сообраќајот во последните 15 години.
- „Во првото тримесечие од 2022 година имаме 18 жртви,додека во првото тримесечие од минатата година имало 28 жртви. Само во март 2022 година имаме четири жртви, а во истиот месец во 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022“, вели Тони Ангеловски.