И натаму се шират дупките во земјата предизвикани од потресите кај Петриња

 И натаму се шират дупките во земјата предизвикани од потресите кај Петриња

Најголемата дупка што се отвори во земјата во хрватското село Меченчани, во близина на Петриња по земјотресот во таа област, продолжува да се шири.

Дупката, широка дваесетина метри и длабока најмалку пет метри, е оградена, а по геолошките прегледи ќе се одлучува за можна санација, утврдија хрватските геолози. 

„Станува збор за колапс предизвикан од комбинација на суфузија и уривање на варовнички карпи под површината натопена во вода. Малите честички се воденат и се создаваат празнини, а земјотресот беше причина за тоа да се случи во вакви размери“, изјавил за „Хина“ Јосип Терзиќ, раководител на Одделот за хидрогеологија и инженерска геологија на хрватскиот Геолошки институт.

Тој исто така рекол дека по обиколката во областа околу селото меѓу Петриња и Хрватска Костајница, пријавени се околу триесетина дупки, од кои некои се во непосредна близина на куќите, или како најголемата, на нива.

Додал дека ситуацијата во пошироката област наскоро ќе се сними со беспилотни летала со цел да се утврди дали има повеќе дупки во земјата во околина.

Периодов серија силни земјотреси ја погодија територијата на Хрватска, токму во регионот на Петриња, град кој претрпе огромни материјални штети по најсилниот потрес со јачина од 6,2 степени според Рихтер кој се случи на 29 декември.

Тлото никако да се смири, а најновиот потрес со јачина од 4,5 степени беше регистриран вчера.

>
>