Италија воведува полициски час, сè запира во 21 часот

 Италија воведува полициски час, сè запира во 21 часот

Италија воведува полициски час на целата територија од 21 часот навечер до утро, потврди заменик-министерката за труд Франческа Пуљези за „Скај ТГ 24“.

Одлуката е донесена на состанокот на владата на премиерот Џузепе Конте, и ќе важи на целата национална територија.

Новата мерка, која премиерот ќе му ја објасни на парламентот денес, предвидува забрана за меѓурегионални движења, а сите што од некоја причина треба да патуваат или да бидат на улица мора да имаат лична потврда за оправданоста да бидат надвор од дома.

„За жал, ние мора да жртвуваме директна настава, а лекциите ќе се изучуваат преку интернет за сите средношколци, и сè уште не е решено дали учениците од пониските основни училишта ќе ја следат наставата од дома“, рече заменик-министерот за труд Пуљизи.

Исто така, новата мерка предвидува намалување на градскиот сообраќај за 50 проценти, трговските центри ќе бидат затворени за време на викендите, се затвораат музеите, баровите, салите за видеоигри и изложбите.