Италија воведува построги анти-ковид мерки, обврската за вакцинација се проширува

 Италија воведува построги анти-ковид мерки, обврската за вакцинација се проширува

Соочена со четвртиот бран на епидемијата на коронавирусот, Италија ги заостри анти-ковид мерките и ја прошири обврската за вакцинирање. Владата во Рим вчера одобри уредба согласно која правилата кои бараат доказ за вакцинација или прележан ковид од 6 декември ќе важат за поголемиот дел од јавниот живот.

Овие мерки ќе се спроведуваат низ целата земја до 15 јануари. Потоа, мерките ќе важат само за регионите кои се прогласени за зони на коронавирус и каде се потребни построги правила.

Од 15 декември, луѓето кои работат во училиштата, како и полицајците, војниците, спасувачите и вработените во здравствените установи, мора да се вакцинираат против ковид-19. Здравствените работници, кои требаше да се вакцинираат од април, ќе мора да примат дополнителна доза вакцина.

Од 15 октомври, на работните места во Италија во сила се мерките кои бараат доказ за вакцинација, негативен тест за коронавирус или доказ за прележан ковид. Истите правила досега важеа само за патување на долги релации, но ќе бидат проширени и на хотелите, локалниот јавен превоз и регионалниот железнички превоз.

Валидноста на италијанската дигитална зелена карта – потврда за вакцинација или прележан ковид – ќе биде скратена од 12 на 9 месеци.

Италија неодамна регистрира значително зголемување на случаите на коронавирус. Вчера здравствените власти информираа за скоро 12.500 новозаразени и 85 смртни случаи за 24 часа.

x