Италијанците предупредени: Доаѓа вакцината, а со неа и мафијата

 Италијанците предупредени: Доаѓа вакцината, а со неа и мафијата

Откако е почната пандемијата со COVID-19 во Италија се покренати 46 кривични постапки поврзани со корупција во медицинскиот сектор, пишува весникот  il Fatto Quotidiano.

Јавниот обвинител Џовани Тартаља Полчини, кој е познат по успешните антикорупциски процеси и сега е правен советник на италијанското Министерство за надворешни работи, предупредува дека луѓето и инстуциите треба да бидат многу претпазливи и добро да се подготват за дистрибуција на антиковид вакцините, бидејќи, како што тврди, здравството е област што спаѓа меѓу оние најмногу изложени на можноста за корупција.

Според него, може да се очекува дека криминалната организација Н’дрангета и мафијата ќе се обидат да се вклучат во бизнисот со набавка и дистрибуција на вакцини, како што веќе се обидоа во првите месеци од пандемијата на коронавирусот за време на набавката на медицинска опрема.

„Дистрибуцијата на вакцини не е само медицинска работа, таа ќе биде и етички предизвик и потребно да се биде подготвен и да се дистрибуира вакцината според приоритетите и на целата популација. Дистрибуцијата на вакцината значи цел синџир на добавувачи, транспорт, складирање и јавни тендери и при секој од овие чекори може да се очекува дека криминалните организации ќе се обидат да се инфилтрираат“, тврди обвинителот Тартаља Полчини.

Според него, треба да се посвети посебно внимание на оние криминални организации кои ќе се обидат да произведат лажни вакцини, што би било штетно за јавното здравје, како и на можните шпекуланти кои сигурно ќе се обидат да ја зголемат цената на производот во првите месеци откако вакцината ќе се појави на пазарот.

Весникот потсетува на скандалите со цената на заштитните маски, кои ги имаше многу во Италија во првиот бран на пандемијата, кога некои дистрибутери и некои аптеки продаваа медицински маски со цени и до 20 пати повисоки од реалните.