Италијанските возачи гневни, Австрија им наложува задолжителен негативен тест

 Италијанските возачи гневни, Австрија им наложува задолжителен негативен тест
data-language="en"

Ограничувањата кои Германија ги наметна во сообраќајот со австриската сојузна покраина Тирол, каде се шири јужноафриканскиот вид на коронавирусот, ја натераа Виена да ги засили контролите на границата со Италија, што денеска предизвика големи доцнења и ги разбесни возачите од италијанска страна.

Од вчера, возачите на камиони мора да имаат негативен тест за да можат да влезат во Германија од Тирол, поради големиот број луѓе заразени со јужноафриканскиот вид во таа австриска сојузна покраина, која на југ се граничи со Италија.

Во страв дека сите возачи од Италија кои минуваат низ нејзината територија немаат документи што ги бара Берлин и дека поради тоа ќе заглават на нејзината територија, Австрија воведе контроли на јужниот дел од нејзината граница.

„Нема да дозволиме Тирол да стане европска паркинг зона. На возачите чиј премин не може да се гарантира ќе им биде забрането да го продолжат патот“, најави тиролскиот гувернер Гунтер Платер.

Паоло Уге, претседател на италијанското здружение за патен транспорт „Конфтраспорто-Конфкомерсио“, повика да се примени принципот на реципроцитет и Италија да ги тестира возачите кои доаѓаат од Германија и Австрија.

„Ако италијанските возачи се сметаат за разнесувачи на вирусот, зошто тоа да не важи за сите?“, прашува Уге во писмо што му го испратил на италијанскиот премиер Марио Драги.

Претседателот на регионот Трентино во северна Италија, Маурицио Фугати, ја осуди едностраната блокада, која, како што рече, може да има сериозни економски и еколошки последици.

Тиролските власти соопштија дека 4.000 до 5.000 камиони поминуваат секој ден на автопатот А12, една од најпрометните рути помеѓу јужна и северна Европа.