Кај стадионот под тумбе кафе откриен арсенал со гранати

 Кај стадионот под тумбе кафе откриен арсенал со гранати

При ископ во изведување на градежни работи, вчера кај стадионот под Тумбе кафе во Битола,  откриен е огромен арсенал на артилериски гранати со калибар од 75мм, останати од Првата светска војна. За само нецели  два дена, приротехничарите открија околу триста гранати, е се претпоставува дека во наредните денови ќе бидат откриени преку илјада.

  • Во текот на изминатите два дена, на ова место подигнавме околу триста гранати и неизвесно е натаму  колку ќе ги има,  во зависност колку положаи биле. По наши сознанија и според литературата, станува збор за напуштен артилериски положај, осносно кога војниците решиле да го напуштат теренот, го затрупале теренот со земја и сега при ископот се појавија- рече Димче Јошевски, подрачен раководител на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пиротехничарите кои стрпливо ги отстрануваа овие неактивирани убиствени средства, уште еднаш се пожалија дека остнаа уште седум мина, а догодина ќе бидат преполовени поради старост. Тие одвај земаат до 20. 000 денари, а додатокот за ризик од 30 проценти што им следува, никогаш не им бил исплатен.

  • Цели 15 години се трудиме оваа професија да ја подигниме на пшовисоко ниво, да ги заинтересираме надлежните во државата, за да обезбедиме иднина на оваа работа. Од оние сознанија што ги имаме, нашата територија и во наредните 50- 100 години ќе биде загадена со вакви средства- рече Драгољуб Поповски, пиротехничар од Килево.- Заштитни средства немаме, одиме без опрема и државата ги нема обезбедено, а платите се минимални- рече Ѓорги Стефанов, пиротехничар од Битола.

Акцијата за расчистување на овој опасен терен ќе продолжи и во наредните денови, а гранатите времено се сместуваат во магацинскиот простор на Дирекцијата за заштита и спасување во близина на Студентскиот дом, а потоа ќе бидат транспортирани во полигонот кај Криволак и ќе се уништат со котролирана експлозија. Овој случај, само потврдува дека ова подрачје е едно од најконтаминираните во Европа со неексплодирани убиствени средства останати од Балканските војни, Првата светска војна, па и од Втората светска војна.