Колку е опасна „двојната мутација“ на индиската варијанта на коронавирусот?

 Колку е опасна „двојната мутација“ на индиската варијанта на коронавирусот?
Со комбинација на две мутации, индиската варијанта на вирусот може полесно да го „избегне“ имунолошкиот систем. Поради тоа и вакцинираните и оние кои прележале COVID-19 може побрзо да се заразат со оваа варијанта, пишува DW.

Индиската варијанта на коронавирусот B.1.617 покажува две значајни генетски промени во површинскиот протеин E484Q и L452R. Овие шифри означуваат точна положба на промената на геномите.

Поединечни мутации се познати веќе подолго време: E484Q е слична на варијантата E484K која се појави во британската, јужноафриканската и бразилската варијанта. Мутацијата L452R може да се најде во калифорниската варијанта CAL.20C.

Но, во Индија овие две мутации сега првпат се појавуваат заедно, поради што се зборува за „двојна мутација“. Фактот дека двете мутации се појавуваат заедно не значи дека оваа варијанта е двојно позаразна или поопасна, тоа научниците треба да го истражат бидејќи засега нема податоци.

Сепак, двојната мутација е само една од причините за катастрофалната ситуација во Индија, каде има повеќе од 18,4 милиони потврдени инфекции. Над 205.000 луѓе починаа со коронавирус или од COVID-19.

Најголемиот проблем е што премногу случаи на инфекции се случуваат истовремено, во еден ден има и до 379.000 нови случаи што резултира со колапс на здравствениот систем кој и онака е лош во одредени делови на земјата.

Сепак, епидемиологот Карл Лотербак се повика на нова студија од Индија за неутрализација според која сегашните вакцини би требало да делуваат и против новата варијанта B.1.617. Според ново британско истражување, вакцините го намалуваат ризикот од инфекција за две третини. Ако се разболите и покрај вакцинирањето, веројатноста да заболите од тежок облик на болеста исто така опаѓа за две третини.

И покрај драматичната ситуација во Индија, СЗО досега индиската варијанта ја класифицира како „variant of Interest“, односно како една од оние на кои треба да обрнеме внимание.

Наспроти тоа, британската варијанта B.1.1.7, јужноафриканската B.1.351 и бразилската P.1 се означени како „variant of Concern“ или варијанти кои загрижуаат.

Тоа е така бидејќи полесно се шират, потешкиот облик на болеста трае подолго и потешко, бидејќи вирусот може да го избегне имунолошкиот систем и за тоа што сегашните вакцини се помалку ефикасни.

>
>