
Македонија против Бугарија го започнува походот до ново Европско првенство
Македонската фудбалска репрезентација денеска ќе и гостува на Бугарија на натпреварот во рамки на првото коло од групата 4 во Ц дивизијата во Лигата на нации.
Репрезентативците на Македонија вчера одржаа тренинг на стадионот на Лудогорец, а денеска со почеток во 18 часот ќе се обидат да дојдат до посакуваните три бода.
Во отсуство на повредениот Стефан Ристовски, капитенската лента денеска ќе ја носи Енис Барди, кој вчера истакна дека амбициите на македонскиот тим се успешно да ја стартува новата сезона во која целта е преку Лигата на нации да обезбеди бараж за пласман на ЕУРО 2024.
– Имаме искуство во тимот подготвени сме да играме паметно и кога ние сме фаворити. Имаме победнички менталитет, но овие натпревари се потешки од претходните од баражот. Многу ни е важно добро да стартуваме. Успехот на селекцијата ни е најважен, изјави Барди на официјалната прес-конференција.
Селекторот Благоја Милевски ќе цели кон пласман на првото место во групата кое ќе не одведе до бараж средба за пласман на наредното Европско првенство, а ќе ни донесе и пласман во Б- Дивизијата од Лигата на нациите.
Селекторот Милевски, од своја страна, рече дека играчите ќе мораат да дадат максимум за да извлечат позитивен резултат на гостувањето во Бугарија.
– За мене фаворитот треба да се покаже на терен. Денес, фаворити пред натпревар не постојат. Оваа група е изедначена. Единствена наша цел е да дадеме максимум за да извлечеме позитивен резултат“, посочи Милевски.