• 22/09/2020

Марш за почит на деветмината жртви на екстремист во германскиот град Ханау

 Марш за почит на деветмината жртви на екстремист во германскиот град Ханау
loading...
Advertisement

Околу 10.000 демонстранти маршираа во германскиот град Ханау за да оддадат почит на деветмината кои пред четири дена беа убиени од антиисламски екстремист.

Лицата беа застрелани во напади во два наргиле барови во градот Ханау, близу Франкфурт.

Подоцна, напаѓачот ја убил својата мајка, по што се самоубил. Полицијата откри дека станува збор за 43-годишниот Тобијас Р. , етнички Германец и екстремен десничар.

Градоначалникот на Хануа, Клаус Камински обраќајќи се пред присутните граѓани рече дека „овие денови се најмрачни што градот ги доживеал во мирнодопски услови“.

– Тие што сакаат да го разединат општеството нема да успеат, бидејќи ние сме повеќе и тоа ќе го спречиме, истакна Камински.

Според извештаите, петмина од жртвите биле турски државјани.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман и германското Сојузно обвинителство масакрот го оценија како радикално десничарски терориристички напад.

– Врз основа на пронајдените материјали и факти дека жртвите се главно од странско потекло мораме да тргнеме од тоа дека станува збор за злосторство мотивирано од радикално десничарски погледи и омраза кон странците, рече Херман.

Убиецот оставил манифест на интернет од кој јасно се гледа дека тој бил екстремен десничар, но и дека имал сериозни психички проблеми.

Во манифестот на 24 страници, исто така, тој јасно кажува дека ги мрази сите имигранти, дека верува дека науката докажува дека некои раси се подоминантни од другите, но и дека повикува на протерување или елиминација на германските малцинства со потекло од Азија, Африка и Блискиот Исток, вклучувајќи ги и Евреите.