
Маслото за јадење во Албанија достигна цена од 2,6 евра
Покрај одлуката за цените, со последната одлука на институциите сите трговци се обврзани да имаат резерви за три месеци, во согласност со рокот за употреба, со цел да гарантираат нормално снабдување на населението
По нова, повисока цена од денеска албанските граѓани ќе купуваат неколку основни прехранбени продукти, одлучи подвладиниот Одбор за транспарентност. Новите цени се однесуваат на маслото за јадење, шеќерот, брашното и оризот.
„Врз основа на одлуката, цената на литар масло за јадење сега изнесува 321 лека (2,6 евра), килограм шеќер 123 лека (1 евро), килограм ориз 104 (0,86 евра) и килограм брашно 90,5 лека (0,75 евра)“, пренесува Ора њуз.
За сите трговци на големо кои нема да ги почитуваат определените цени од Одборот предупредија дека ќе следува парична казна од 10 милиони лека (82 500 евра), а за трговците на мало 2 милиони лека (16 500 евра).
„Доколку се утврди повторено прекршување на одлуката, односно злоупотреба на цените, правниот субјект ќе биде затворен, а производите одземени“,
стои во одлуката.
Исто така, со овој нормативен акт, меѓу другото, сите трговци се обврзани да преземат мерки и за одржување резерви за три месеци, во согласност со рокот за употреба, со цел да гарантираат нормално снабдување на населението.