Мицотакис: Историски ден за Грција и Грците – земјата излегува од режимот на засилен европски надзор

Мицотакис: Историски ден за Грција и Грците – земјата излегува од режимот на засилен европски надзор

Историски ден за Грција и Грците е денешниот ден, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со оглед на тоа дека земјата, и официјално излегува од режимот на засилен европски надзор и како што рече, „се затвора дванаесетгодишниот циклус кој донесе болка кај граѓаните, стагнација во економијата и поделеност во општеството, но и за да се појави нов, јасен хоризонт на развој, единство и просперитет за сите“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во телевизиската порака до граѓаните, Мицотакис истакна дека денешниот ден го означува и крајот на меморандумите и сето она што го донесоа „даноци и кратење на платите и пензиите, банкарски ревизии, ставање под хипотека на јавен имот, деградација на националната одбрана, јавното образование и здравството, но и маргинализирање на позицијата на Грција во Европа и во светот“.

Потенцираше дека „за среќа, сè ова веќе е минато“, како и сето она што се случи во изминатите 12 години, а посочи и дека „излегувањето од засилен надзор значи поголема национална слобода во економските избори, но не и враќање на грешките што доведоа до болната меморандумска перипетија“.

-Грција денес е поинаква Грција. Бележи висок раст и голем пад на невработеноста, која веќе е намалена за три процентни поени од минатата година и за пет од 2019 година. Додека, во исто време, многу даноци што му беа наметнати на народот во тие тешки години беа укинати или олеснети. Сите сега плаќаат помалку придонеси за социјално осигурување. И речиси сите плаќаат понизок данок на имот (ЕНФИА), додека минималната плата е зголемена за 63 евра, а најранливите целно се поддржани, истакна Мицотакис.

Додаде дека закрепнувањето не било ниту очигледно, ниту лесно, со оглед на тоа дека, како што рече, се постигна во екот на последователни предизвици, споменувајќи ги мигрантскиот проблем на Еврос, тензичните односи со Турција, пандемијата, енергетската криза и инфлацијата, како „континуирани фронтови, за кои државата веќе издвои 50 милијарди евра“.

-Во претходните тешки години нашиот народ страдаше многу, но и покажа многу. Благодарение на неговите сопствени жртви, земјата брзо застана на нозе. Страдањата станаа лекции за зрела одговорност во нашето политичко однесување. И кога беше потребно, Гркинките и Грците покажаа доверба и ги здружија силите со државата и одговорните сили наспроти заедничките закани. Им благодарам од сè срце, порача Мицотакис.

Можеби ке те интересира




This will close in 0 seconds

Generated by Feedzy