• 24/09/2020

Министерот Димитров: Шпанија е 29-тата, последна земја членка на НАТО што го ратификуваше нашиот пристапен протокол, со тоа заврши процесот на ратификација кај сите сојузници

 Министерот Димитров: Шпанија е 29-тата, последна земја членка на НАТО што го ратификуваше нашиот пристапен протокол, со тоа заврши процесот на ратификација кај сите сојузници
loading...
Advertisement

„Шпанскиот сенат само што го ратификуваше пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО со нула гласови против. Во оваа прилика би сакал во името на Владата и на сите македонски граѓани да изразам благодарност до Шпанија и воедно да им честитам и на македонските граѓани за овој заеднички успех што дојде како резултат на истрајност и решителност за храбри одлуки и посветеност. Со тоа завршуваме еден тридецениски процес, напор, стремеж да бидеме дел од северно-атлантското семејство“, истакна министерот за надворешни работи, Никола Димитров веднаш по денешната ратификација на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, од страна на Горниот дом на шпанскиот парламент (Сенат), која заедно со амбасадорот на Кралството Шпанија, Емилио Лоренцо Сера и со претставниците на медиумите беше проследена во живо од Владата на Република Северна Македонија.

Со ова се заокружува ратификацијата на протоколот од сите 29 земји членки, по што следи и депонирањето на инструментот во Вашингтон, со што формално-правно Северна Македонија ќе стане 30-та членка на Алијансата.

Амбасадорот на Шпанија, Емилио Лоренцо Сера во својата изјава за медиумите истакна: „Како амбасадор на Шпанија во Скопје ми претставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на законот за ратификација на протоколот за прием на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и Република Северна Македонија ќе станат и формално сојузници, што веќе де факто и се, продлабочувајќи ги на тој начин пријателските билатерални односи, од кога неговото височество, кралот на Шпанија ќе го потпише законот и инструментот за ратификација ќе биде депониран во Вашингтон, што секако ќе се случи набргу.“