
Министерот Филипче најави заострување на рестрикциите – за овие мерки ќе се дискутира утре
По денешните рекордни бројки на заразени од Ковид-19 во земјава, министерот за здравство д-р Венко Филипче во интервју за „Сител“ телевизија, изјави дека утре ќе се разговара за новите мерки.
„Предложуваме заострување на рестриктивните мерки, ова што се случува не е неочекувано“ – изјави министерот Филипче.
Тој додаде дека на утрешниот состанок со Комисијата за заразни болести ќе се дискутира на повеќе теми:
„На утрешниот состанок ќе дискутираме дали се потребни дополнителни рестрикции од овие кои што моментално се во сила. Тоа би вклучувало рестрикции во јавниот превоз, ограничување на работата на угостителските објекти, компании и секаде каде што сметаме дека има ризик. Дел од тие мерки може да важат само во некои општини, а дел на целата територија на државава“ – изјави Филипче.
На прашањето за воведување на нов полициски час во државава министерот изјави дека сè уште е рано, но дека и за тоа ќе се дискутира во текот на утрешниот ден:
„Иако има слободни места во болниците, сепак нивниот капацитет забрзано се исполнува. Само во текот на вчерашниот ден имаше огромен број на нови пациенти“ – вели Филипче.