• 28/09/2020

МНР Димитров на панел во Прага на тема „Неисполнетото ветување на ЕУ за Западен Балкан – време за стратешка одлука во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ”

 МНР Димитров на панел во Прага на тема „Неисполнетото ветување на ЕУ за Западен Балкан – време за стратешка одлука во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ”
loading...
Advertisement

Вчера на Карловиот Универзитет во Прага, МНР Никола Димитров имаше настап на панелот „Неисполнетото ветување на ЕУ за Западен Балкан – време за стратешка одлука во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ” што беше дел од дебатата насловена „Заживување на агендата на проширувањето на ЕУ: 2020 – нова можност за Западен Балкан” во организација на Европскиот институт за политики – ЕУРОПЕУМ.

На аудиториумот составен од претставници на тинк тенк заедницата, академската заедница, невладини организации, дипоматскиот кор, министерот Димитров им го претстави македонскиот случај во контекст на евроинтегративниот пат и предизвиците на истиот.

Запознавајќи ја публиката со историскиот и политичкиот контекст од независноста и реактуелизирањето на политиката на проширување, МНР Димитров го потенцираше претстојниот период како есенцијален, каква што е и корелацијата на резултатите и временската рамка од пролетната агенда на ЕУ.

МНР Димитров: „Атрактивноста на ЕУ е во нејзиниот наратив, но за истиот да биде одржлив ни треба повеќе од ветување на хартија. Партнерствата се валоризираат низ призмата на ветувањата и очекувањата.   А нашите очекувања од ЕУ се повеќе од оправдани”.

Копанелестите, чешкиот заменик-МНР Алеш Хмелаж, директорот на институтот Владимир Бартовиц, Јана Јузова, експерт за Западен Балкан во Еуропеум и соговорниците од публиката во разговор со Министерот Димитров ја коментираа позитивната динамика на политиката на проширување од октомври минатата година, што им дава за право да очекуваат наскоро и позитивен исход за Северна Македонија.

Во рамки на првиот ден од работната посета на Прага, покрај билатералната средба со чешкиот МНР Петричек и учеството на панелот, МНР Димитров имаше средби и со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинкова на кои беше изразена силна поддршка за Северна Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, поздравени реформските постигнувања и добрососедските односи.

Денес МНР Димитров ќе учествува на годишниот состанок на Министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, којшто се организира во рамки на Чешкото претседавање со Вишеградската група.