МОН: Дигиталниот учебник нема да биде единствена опција за учениците, ќе се применува комбиниран модел

 МОН: Дигиталниот учебник нема да биде единствена опција за учениците, ќе се применува комбиниран модел

Сојузот на средношколци потврдува дека младите ја поддржуваат дигитализацијата на учебниците и воопшто на образованието. Сосема е очекувано да постојат дилеми кај младите и кај нивните семејства, кои Министерството за образование и наука и другите надлежни институции како носители на промените, имаат обврска и должност да ги појаснат и расчистат, соопшти ресорното министерство по ставот што денеска го изнесе Средношколскиот сојуз за најавената дигитализација од наредната учебна година.

Во соопштение МОН наведува дека ИТ-технологијата им овозможува со многу едноставно пребарување на интернет да дојдат до информации за сите придобивки кои ги нуди дигитализацијата на материјалите за учење и до многу примери на земји во чии образовни системи ова решение успешно функционира и носи резултати кои најчесто се видливи на меѓународните тестирања.

– МОН потсетува дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците. Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија, соопшти МОН.

За учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, новото законско решение предвидува училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник.

– За оваа цел, во училиштата веќе се прават проценки и подготовки за обезбедување одреден таканаречен „библиотечен фонд“ на таблет-уреди кои ќе им се даваат на привремено користење на учениците кои имаат потреба од ваков тип поддршка, согласно законот. Доколку, пак, ученикот изрази потреба за користење печатен учебник, тој ќе му биде обезбеден од страна на училиштето. И тука очекуваме предизвиците да бидат сведени на минимум, посочува МОН и додава дека во опременоста на училиштата вложува централната власт, но и самите локални самоуправи.

Учебниците ќе бидат достапни и во аудиоформат, на сите наставни јазици, и првпат ќе се печатат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид, со што, нагласува МОН – дигитализацијата ја елиминира дискриминацијата.

– Примери за комбиниран модел за примена на учебници, како и за модели во кои дигиталниот учебник е единствена опција за учениците има многу, а позитивните искуства и практики беа предмет на анализа при конципирањето на нашиот автентичен модел, чија примена почнува од учебната 2021/2022 година. Дигитализацијата е процес кој се случува и мора да биде заокружен во сите општествени сегменти, вклучително и во образованието. Предностите се големи и дел од граѓаните веќе ги почувствуваа преку искористување на некоја од дигитализираните услуги на МОН – како пријавувањето за стипендии, пријавувањето за сместување во студентски и ученички домови, постапката за нострификација на образовни квалификации стекнати во странство и слично, наведува МОН во соопштението, додавајќи дека се добредојдени идеи и сугестии  од млади и од организации за да се подобрат политиките што нив ги засегаат.

x