Муслиманите во регионот ги завршуваат последните подготовки за месец Рамазан

Муслиманите во регионот ги завршуваат последните подготовки за месец Рамазан

„Чувството за овој месец го принудува верникот да застане, повеќе да размислува и да прави добро, да помогне некому, да посети некого, што е карактеристично за Рамазан…“

СКОПЈЕ/ПРИШТИНА/ТИРАНА (АА) – Муслиманите во Северна Македонија, Косово и Албанија ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на светиот месец Рамазан, изјавувајќи дека го очекуваат овој месец со ентузијазам и многу емоции. Верниците во изминатите две години го поминаа месец Рамазан под ограничувања наметнати поради пандемијата на коронавирусот, вклучувајќи го полицискиот час и забраната за собирање, што, исто така, го оневозможи одржувањето на теравија намазот [вечерната молитва за време на Рамазан] во џамиите. Оваа година повеќето од овие мерки се укинати и верниците можат да клањаат во џамиите, како и да ги посетат своите роднини и да уживаат во заеднички ифтари, што е традиција во овие земји, пишува Агенција Анадолија (АА).

– На скопските пазари раздвиженоста на муслиманските верници значително поголема –

Муслиманите во Северна Македонија ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на светиот месец Рамазан, снабдувајќи се со храна која традиционално повеќе се консумира на ифтар и сехур. Екипата на Агенција Анадолија го посети Бит-пазар, каде што се забележуваше поголема раздвиженост на граѓаните од муслиманска вероисповед.

Дел од продавачите велат дека генерално цените деновиве не се зголемени, и покрај зголемената побарувачка на производи.

„Овие два-три дена е малку подобро. Има повеќе движење и се троши повеќе стока. Цените не се зголемени воопшто, само има повеќе живост“, вели продавачот Назми Мурати.

Тој, исто така, им го честита месецот Рамазан на муслиманите, велејќи: „Иншалах Рамазан да дојде со добро, убаво да си поминеме, иншалах во светот да има мир.“

И Кенан Далипи, кој продава урми, маслинки и други производи, вели дека деновиве има поголемо движење на граѓаните.

„Сега се извршуваат подготовките пред Рамазан, моментално е подобро. Луѓето се подготвуваат, доаѓаат и земаат. Малку е подобро во споредба со другите денови, подобро е“, рече Далипи.

Тој на муслиманите им посака лесен пост и им го честита Рамазан.

По двегодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот, годинава се очекува во Скопје да продолжи традицијата со бесплатни ифтари за сиромашните и патниците.

Исто така, пред почетокот на месецот Рамазан, некои хуманитарни здруженија доделија хуманитарна помош во прехранбени производи на посиромашните семејства.

– „Првиот терави намаз ќе го клањам во Истанбул“ –

Во пресрет на месецот Рамазан, и низ улиците на главниот град на Косово, Приштина, низ различните пазари и продавници има поголемо движење на граѓани кои се снабдуваат со храна за да го поминат овој месец.

На Зелениот пазар во Приштина, продавачите ја зголемија понудата на карактеристичните производи кои наголемо се консумираат во Рамазан, како урми и сушени овошја, но и други производи.

Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, овој Рамазан ќе биде со помалку мерки во однос на справувањето со пандемијата од страна на институциите.

Граѓаните за Агенција Анадолија (AA) изјавија дека веќе ги доживуваат емоциите од доаѓањето на Рамазан и се чувствуваат среќно поради доаѓањето на овој месец.

Шаип Хајризи од Приштина вели дека за Рамазан има емоции кои не можат да се опишат со зборови.

Тој вели дека Рамазан е месец на милосрдието во кој секој верник се обидува да се промени во споредба со другите 11 месеци.

„Чувството за овој месец го принудува верникот да застане, повеќе да размислува и да прави добро, да помогне некому, да посети некого, што е карактеристично за Рамазан. Доколку низ целата година си немал можност или не си се сретнал со роднините, не си отишол или не ти дошле на вечера, ова е месецот за покана на роднините на ифтар и навистина е посебно задоволство“, вели Хајризи.

И Ндерим Бериша од Призрен вели дека Рамазан му носи посебни емоции, но овој Рамазан вели дека ќе му биде уште попосебен бидејќи првиот ден ќе престојува во Истанбул.

„Овој месец, со Алах напред, ќе го дочекам Рамазан во Истанбул и првиот теравија намаз ќе го клањам во Истанбул каде што ќе го дочекам и првиот ифтар. Нема поголема емоција од Рамазан, бидејќи Рамазан е спас за нас“, рече тој.

Бериша, исто така, изјави дека годинава за Рамазан цели да го прочита Куранот, Светата книга на муслиманите.

– „Ми се допаѓа мирот и спокојот кој го достигнувам во тој месец“ –

Муслиманските верници во Албанија ги продолжуваат подготовките во пресрет на почетокот на месецот Рамазан и велат дека овој месец го очекуваат со многу емоции и ентузијазам.

Муслиманските верници во Тирана и во другите градови од земјава веќе пред неколку дена ги започнаа подготовките за дочекот на Светиот месец, вклучувајќи и набавка на различни производи, но и други подготовки

Рустем Камбери од Тирана, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека во неговото семејство секогаш се постело.

„Сите постиме. Тоа е, исто така, традиција, но е и основен услов во исламот. Оваа година условите се малку подобри, а ќе си поминеме убаво затоа што овде [во џамија] ќе клањаме таравија“, рече тој.

Месецот Рамазан со нетрпение го очекува и Кристиана Лушлари, која вели дека ѝ се допаѓа мирот и спокојот што ги достигнува во текот на месецот Рамазан.

„Постам и го очекувам Рамазан со многу ентузијазам, ми се допаѓа мирот и спокојот што го достигнувам во тој месец и секогаш размислувам зошто не може да трае подолго“, вели таа.

Таа додава дека вообичаено прават подготовки и дека многу ѝ се допаѓа оваа атмосфера, особено со оглед на тоа што мерките против пандемијата се олеснети.

Аслан Лека, кој живее во Тирана, за АА вели дека емоцијата што ја носи месецот Рамазан е радоста од постот и семејната хармонија.

„Во нашата куќа, постарата сестра пости и ја поддржуваме во нејзината радост и тоа е радост за сите. Ние ѝ ги подготвуваме работите што ѝ требаат“, вели Лека.

Верниците ги продолжуваат подготовките и со набавка на прехранбени производи, при што последниве денови се сѐ пофреквентни на Новиот пазар во Тирана, каде што се купуваат потребните прехранбени и други производи за месец Рамазан.

Во меѓувреме, подготовки се прават и во џамиите во земјата во очекување на првиот теравија намаз. Месецот Рамазан оваа година доаѓа во време на олеснителни мерки од пандемијата, бидејќи во Албанија од почетокот на март годинава е укинат полицискиот час.

Оваа година, месец Рамазан започнува утре (2 април). Во текот на 30-те дена, муслиманските верници постат, не јадат и не пијат ништо од изгрејсонце до зајдисонце. Во исламот, месецот Рамазан е познат како месец кога почна објавувањето на светата книга Куранот.

Можеби ке те интересира




This will close in 0 seconds